Загриженост кај групите за заштита на човекови права откако Маск го купи Твитер

Од:

Твитер ја прифати понудата на Илон Маск вредна 44 милијарди долари, официјално соопшти компанијата. Но, откако Маск соопшти дека ќе ја намали цензурата на таа социјална мрежа, групите за заштита на човековите права изразија загриженост поради можноста дека ќе се зголеми говорот на омраза.

Со синоќа постигнатиот договор се става крај на турбулентен циклус во кој извршниот директор на Тесла и Спејс Икс стана сопственик на популарната социјална мрежа.

Договорот дојде откако Маск минатата недела откри дека обезбедил 46,5 милијарди долари за купување на компанијата и потоа ја дал својата последна понуда. Бордот на директори на Твитер се состана во неделата за да ја оцени понудата и синоќа се согласи на договор за продажба за 54,20 долари по акција.

Маск го постигна договорот со Твитер со ветување дека ќе ја намали цензурата на платформата. Ова, секако, покрена лавина прашања за тоа што би значел таквиот пристап за оваа социјална мрежа, пишува Би-Би-Си.

Организациите за човекови права веднаш изразија загриженост дека немањето ограничувања може да доведе до зголемување на говорот на омраза.

По веста за новиот сопственик, групите за човекови права изразија загриженост поради говорот на омраза на Твитер и моќта што ќе ја добие Маск, кој се опишува себеси како „апсолутист на слободата на говорот“.

Маск беше многу гласен во критикувањето на политиката на платформата за модерирање на содржината, тврдејќи дека Твитер мора да биде автентична платформа за слободен говор. Во изјавата по веста дека е постигнат купопродажен договор, Маск ја опиша слободата на говор како „основа на функционалната демократија“.

Амнести интернешнал напиша во објава на Твитер: „Загрижени сме за секој чекор што Твитер може да го преземе против политиките и механизмите дизајнирани да ги заштитат корисниците. Последното нешто што ни треба е Твитер, кој ќе ја сврти главата на друга страна кога ќе има насилен и навредлив говор кон корисниците, особено оние кои често се цел на говор на омраза, вклучувајќи жени, трансродови луѓе и други“.

Многу корисници на Твитер се прашуваат дали новиот пристап значи и дека ќе ги врати претходно суспендираните и забранети профили. Најпознатата личност која беше суспендирана од Твитер е поранешниот американски претседател Доналд Трамп, пишува Би-Би-Си.

Профилот на Доналд Трамп беше трајно суспендиран минатата година во екот на протестите и упадот во зградата на Капитол во Вашингтон на 6 јануари. Сепак, дури и ако Твитер ја промени политиката со Маск, Трамп тврди дека не планира да се врати на таа социјална мрежа, туку се одлучил за сопствената платформа Truth Social. Тој го потврди ова за Фокс њуз и додаде дека верува оти Муск, кого го нарече добар човек, ќе донесе подобрувања на платформата.

Сепак, експертите тврдат дека Трамп сепак би можел да се врати на Твитер во случај да одлучи да се кандидира на претседателските избори во 2024 година.

Маск рече дека се надева дека дури и неговите најсилни критичари ќе останат на Твитер „бидејќи тоа е она што значи слобода на говорот“. Сепак, некои веќе се заканија дека ќе си заминат, а некои веќе ги затворија налозите.

Британската актерка Џамила Џамил напиша дека очекува мрежата да стане „уште понелегална, полна со омраза, ксенофобична, закоравена и мизогинична“. „Ова ќе биде мојот последен твит“, ги информираше таа своите еден милион следачи.

Од друга страна, научничката од Универзитетот во Мериленд, Каролина Ор Буено, рече дека засега ќе остане на Твитер бидејќи има повеќе од 450.000 следбеници. Таа истакна дека никој не може да знае како ќе изгледа Твитер под Маск, но:„Она што сигурно го знаеме е дека ако си заминат сите пристојни луѓе, овде многу брзо ќе стане гадно.

Џек Дорси, ко-основач на Твитер и еден од членовите на одборот, рече дека е среќен „што платформата ќе продолжи да служи за јавни дебати, иако не верувам дека некој треба да го поседува или води Твитер“. Тој смета дека тоа треба да биде јавно добро, а не компанија.

Дорси, сепак, додаде дека верува дека Илон Маск ќе има позитивно влијание и ќе ја подигне свеста за тоа.

Членовите на одборот изјавија дека иднината на компанијата е неизвесна.

Реакција дојде и од повеќе политичари. Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки вчера изјави дека американскиот претседател Џо Бајден „долго време е загрижен за моќта што ја имаат големите социјални мрежи“.

Демократската сенаторка Елизабет Ворен го нарече договорот опасен за демократијата, а републиканката Марша Блекбурн го поздрави договорот како охрабрувачки ден за слободата на говорот.

Европската Комисија, од своја страна, одби да коментира, единствено пред купопродажбата потенцираше дека е важно да се следат правилата. – Еврокомисијата никогаш не коментира бизнис одлуки, посебно кога се во тек. Она што е важно е правилата на уредбите на Актот за дигитални услуги и на дигиталниот пазар кои ги уредуваат и социјалните платформи, во заедничкиот пазар тие се истите правила за сите платформи, и не е важно кој колку поседува сѐ додека ги следат правилата, изјави Јоханес Барке, портпарол на Европската Комисија.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Бразилски судија покрена истрага против Илон Макс

Катерина Ѓуровски

Илон Маск повеќе не е најбогатиот човек на светот

(ВИДЕО) Американци и Русин тргнаа со ракетата на Маск кон вселенската станица

Маск: Нема шанси Путин да ја загуби војната во Украина

Маск: Вградивме чип во човечкиот мозок

Горан Наумовски

Судот пресуди дека Твитер го прекршил договорот за исплата на бонуси на вработените

Горан Наумовски