За себе тврдат дека се очите и ушите на полицијата, а кои се всушност?

Од:

Дојче Веле

Заштитници или насилници? – Акциите на таканаречените „цивилни чувари“ во Германија ги загрижуваат и политичарите и полицијата.

Но, законските можности за сузбивање на ваквите самонаречени шерифи се ограничени.

Тие сакаат да организираат „безбедни зони“ и „граѓански стражи“. За себе велат дека се „очите и ушите на полицијата“. Тврдат дека во Германија сè повеќе луѓе се оставени на милост и немилост на „увезениот криминал“.

Со оглед на масовното појавување на ваквите самопрогласени заштитници, полицијата во Кемниц процени дека морала да реагира. „Патролите на граѓанската стража во Дебелн не само што не се непотребни, туку тие се целосно неприфатливи“, се наведува во полициското соопштение.

– Правото на употреба на сила е единствено во надлежност на државата“, порача шефицата на полицијата во Кемниц, Соња Пенсел.

Непотребно, но сепак постои. Германското Министерство за внатрешни работи на почетокот на неделата соопшти дека такви групи постојат речиси во сите покраини. „Постои потенцијал за десничарски тероризам во групите кои се појавуваат како цивилни чувари“, предупредува Министерството.
„Безбедни зони“ само за Германци

Групите слични на граѓанските стражи почнаа да се појавуваат во 2015 година во многу градови и општини. Тие се формирани од десничарски екстремисти, хулигани, припадници на бајкерски банди, како и таканаречени „лути граѓани“ (Вутбаргер). Десно-екстремните групи бараат воспоставување таканаречени „безбедни зони“ во кои „Германците можат да се чувствуваат безбедно“.

Според резултатите на една анкета спроведена од институтот ЈуГов (YouGov) во Келн, на почетокот на 2016 година, 29 проценти од Германците би можеле да се замислат како припадници на некоја граѓанска стража, во случај на потреба, со сила да ги заштитат своите интереси, ако државата не го стори тоа. Иницијативниот настан што ја зголеми наклонетоста кон граѓанските стражи беа масовните сексуални вознемирувања и кражби за време на новогодишната ноќ во Келн 2015-2016 година, наведува Институтот „ЈуГов“.

Во меѓувреме, и политичарите и полицијата станаа свесни за опасноста што ја создаваат граѓанските стражи. Сепак, законските можности за сузбивање на тие самонаречени шерифи се ограничени. – Многу прецизно ги контролираме граѓанските стражи, вели Леони Мелман, портпаролка на Министерството за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија. И таа оценува дека овие групи свесно се движат на границата на законот.

„Прошетки“ и „маршеви“

Една од мерките што се преземаат е „прошетките“ и „маршевите“ на граѓанските стражи да се третираат како митинзи кои подлежат на строги правила. Дури и носењето јакна под одредени услови може да се смета за повреда на забраната за носење униформа. Официјалниот надзор на Службата за заштита на уставниот поредок, според министерот за полиција на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл, „законски не е толку едноставен“.

Во градот Дебелн, Саксонија, полицијата презема акција против група која „сакаше да и помогне полицијата“ и притоа носеше јакни со натпис „безбедна зона“.

За време на маршевите на граѓанските стражи во Дебелн и Фрајбург во Саксонија во октомври, полицијата сепак можеше да ги избрка од местата на кои се собираа и да ја конфискува забранетата облека. – Немавме други опции, рече портпаролката на полицијата, Енџи Риџик.

Бајкери, хулигани, „лути граѓани“

Тврдото јадро на таквата сцена во Северна Рајна Вестфалија го сочинуваат околу 250 луѓе, проценува покраинското Министерство за внатрешни работи со оценка дека овие луѓе на одредени демонстрации можат да мобилизираат и до 700 луѓе. Оваа „мешана сцена“ се обидува преку наводно безопасни „прошетки“ да допре и до оние граѓани кои се аполитични.

Матијас Квент, експерт за десен екстремизам од Институтот за демократија и цивилно општество „Амадео Антонио“ од Јен, граѓанските стражи ги дели на четири категории. Една од нив се „десноекстремистичките насилни групи“. Во таа категорија спаѓаат „Група Фрајтал“ и „Револуција кемник“. Во март 2018 година Врховниот покраински суд во Дрезден осуди осум членови на „Групата Фрајтал“ на повеќегодишни затворски казни поради бомбашки напади во бегалски кампови и политички противници во Саксонија. Судскиот процес против припадниците на „Револуција кемник“, пак, се води од 30 септември.

– Актерите на десноекстремното движење сакаат да ги означуваат своите активности како граѓански стражи и безбедност на татковината со цел да избегнат бојкот во општеството, да ја оправдаат нивната идеологија и склоност кон насилство, вели Квент, кој исто така објави студија под наслов „Граѓански стражи: помошни шерифи или инсценирана провокација? Во неа тој предупредува дека безбедноста „не смее да им се препушти на политичките актери од крајната десница“.

Би можело да ве интересира

Првиот германски разузнавач: И Русите се подготвени за саботажа

Горан Наумовски

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис

Над 20 повредени во нова автобуска несреќа во Германија-патниците биле средношколци

Горан Наумовски