Во САД почна судењето за контроверзниот случај со убиството на Џорџ Флојд

Од:

Во американскиот град Минеаполис денеска почна судењето на поранешниот полицаец Дерек Шовин, кој е обвинет за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд. За време на првиот ден од судењето, обвинителството на поротата и ги покажа снимките на кои се гледа како Шовин неколку минути го држи коленото врз вратот на Флојд, додека набљудувачите му викаат да прекине, а Флојд запомага дека не може да дише.

Во воведната изјава, обвинителот Џери Блеквел од членовите на поротата побара да го запаметат бројот од 9 минути и 29 секунди, колку што Шовин со коленото го притиска вратот на Флојд, додека овој лежи на земјата, во мај минатата година, пренесуваат американските медиуми.

Блеквел во воведниот говор нагласи дека Шовин не попуштил дури и откако „Флојд, со лисици на рацете, 27 пати кажа дека не може да диши, по што веќе не се движеше“.

Обвинителот додаде дека Шовин го притискал вратот на Флојд со коленото „се додека не се исцеди животот од него“.

Адвокатот на обвинетиот, Ерик Нелсон, тврди дека Шовин го направил токму тоа за што бил обучен за време на неговата 19-годишна кариера.

Нелсон кажа дека Флојд се спротивставил на апсењето и дека Шовин дошол на лице место за да им помогне на полицајците кои се обидувале да го внесат Флојд во возилото, бидејќи бројот на собраните набљудувачи станувал се поголем и непријателски настроен.

Нелсон, исто така, ги оспори тврдењата дека Шовин е виновен за смртта на Флојд, пренесе Гласот на Америка.

-Смртта на Флојд беше предизвикана од супстанци во неговиот организам, во комбинација со срцеви заболувања, висок крвен притисок и адреналин. Доказите се многу подолги од гореспоменатите 9 минути и 29 секунди, рече Нелсон.

Бен Крамп, адвокат на семејството Флојд, пред судницата изјави дека судењето ќе покаже дали Америка е достојна за Декларацијата за независност.

Обвинетиот Шовин претходно се изјасни за невин за убиството на Џорџ Флојд, кој не бил вооружен за време на апсењето.

Доколку биде осуден, Шовин се соочува со казна од најмалку 40 години затвор.

Клучните прашања на судењето се очекува да бидат дали Шовин ја предизвикал смртта на Флојд и дали поранешниот полицаец постапил разумно за време на апсењето.

Судскиот процес треба да трае околу четири недели во зградата на судот, која е опкружена со бетонски огради и бодликава жица поради зголемени безбедносни потреби.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Крвав напад со нож во САД, четворица мртви

САД воведоа санкции за ентитети кои наводно им помагале на Хутите и Хезболах

САД бара од Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

ВИДЕО: Американската милјардерка која со Тесла излета во езеро и се удави била пијана

Малолетник убил девојче со 114 убоди од нож, сега му се заканува доживотен затвор

Горан Наумовски