Во рок од пет месеци двапати парламентарни избори во Израел за спас на Нетанјаху

Од:

Израелските граѓани утре на вонредни избори ќе гласаат за новиот состав на Кнесетот.

Актуелниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху по неубедливите избори во април и покрај тоа што се прогласи за победник не успеа да формира влада. Вонредните избори се и битка за политички опстанок на премиерот со најдолг стаж.

По изборите на 9 април се чинеше дека Нетанјаху лесно ќе формира Влада и петтипат ќе биде премиер. Но, поради несогласувањата помеѓу неговите потенцијални партнери ултраортодоксните партии и секуларните ултранационалисти, како и поради предлог законот Нетанјаху да се изземе од судско гонење поради корупција, пропаднаа преговорите. Нетанјаху се сомничи за три случаи на корупција и се очекува во следните недели да биде сослушан. Тој негира каква било вмешаност во случаите.

На 30 мај Кнесетот се распушти со цел да се спречи лидерот на Сино белата партија Бени Генц да биде мандатар за нова влада.

Мртва трка“ помеѓу Ликуд и Сино белата партија

На вонредните избори што ќе се одржат утре Израелците ќе гласаат за новиот состав на 22-от Кнесет, кој брои 120 пратеници. Изборниот праг е 3,25 проценти освоени гласови, што во поголем број случаи значи четири пратенички места.

Анкетите покажуваат „мртва трка“ помеѓу Ликуд и центристичкиот сојуз на Сино белите, предводени од поранешниот воен командант Ганц.

Без оглед колку мандати би освоиле двете ривалски партии, анкетите покажуваат дека би освоиле по триесетина пратенички места поради што би била нужна коалиција.

Според испитувањето на јавното мислење секуларната партија Ликуд (Консолидација) би освоил 32 пратеници исто колку и Сино и бело (Кахол Лаван) – 32, Заедничка листа – 10,5, десничарската коалиција Право (Јамина) – 9,5, Израел наш дом (Израел Бејтеин) – 9,5, коалицијата од ултраортодоксните партии Обединет јудеизам на Тората (УТЈ) – 7,5, ултраортодоксната партија Шас би освоила седум проценти од гласовите, Демократската унија би освоила шест, либерално центристичката партија Лабор-Гешер – 5,5, додека ултрадесничарската партија Еврејска сила (Отцма Јехудит) би освоила четири отсто од гласовите.

Либерман и партиите на израелските Арапи одлучувачки фактор за идната Влада

Поради распоредот на силите клучна улога би имал поранешниот соработник на Нетанјаху и поранешен министер за одбрана Авигдор Либерман. Тој и неговата националистичка партија Израел наш дом се во судир со ултраортодоксните еврејски партии, кои се важен дел од коалицијата на Нетанјаху.

Либерман ги обвинува ултраортодоксните Евреи дека сакаат да наметнат верски закони, а тој се залага тие да не бидат изземени од обврзувачкиот воен рок.

Кој ќе формира влада зависи и од партиите на израелските Арапи, кои повторно се обединија и би можеле да бидат клучен фактор ако им успее да остварат резултат сличен на оној од изборите во 2015 година, кога со 13 пратенички места беа трета најсилна партија во Кнесетот.

Исто така успехот на изборите ќе зависи и од одѕивот на гласачите, кои првпат во историјата на земјата, во рок од пет месеци двапати излегуваат на гласање.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Над 300 тела пронајдени во масовна гробница кај болница во Газа

Израелската полиција уапсила две лица кои со своето возило налетале на тројца пешаци

Америка го ограничи движењето на својот дипломатски персонал во Израел

Иран: Немаше ракетен напад, соборивме израелски беспилотни летала

Горан Наумовски

ABC News: Израелски проектили погодија локација во Иран

Нов состанок на воениот кабинет на Израел