Во Малта е постигнат привремен договор за распределување на мигрантите

Од:

Малта, Италија, Франција и Германија постигнаа иницијален и привремен договор за распределување на мигрантите спасени во Медитеранот. Документот ќе биде презентиран на почетокот на октомври.

Министрите за внатрешни работи на овие четири земји одлучија да го одржат овој состанок за да најдат привремено решение на сѐ побројните инциденти во Медитеранот, каде бродови кои спасуваат мигранти не можат да се вкотват со денови, некогаш недели, во отсуство на сеопфатен договор на ниво на ЕУ за прераспределување на барателите на азил.

Малта и Италија се на удар на мигрантските бранови од Африка како најблиски пристаништа во централен Медитеран, додека Франција и Германија се погодени од секундарните движења, односно земји во кои мигрантите заминуваат откако ќе влезат во Шенгенската зона, но и редовно волонтираат да прифатат релокација на мигранти кога тоа е потребно.

Поради ова, министрите на овие четири земји решија да се состанат денеска во обид да постигнат заеднички договор за прераспределба на лицата кои ќе пристигнуваат на европското крајбрежје.

Деталите од договорот за сега не се познати, но министрите, по средбата, порачаа дека станува збор за солидарен механизам и изразија надеж дека останатите 24 колеги ќе се придружат кон оваа иницијатива.

Документот ќе им биде презентиран на другите земји членки на ЕУ на 8 октомври на министерскиот совет за внатрешни работи во Луксембург.

-По дискусиите ќе можеме да видиме кои земји се подготвени да го поддржат овој документот или да поднесат сугестии или амандмани за ова што е одлучено денеска, ова е процес кој не е лесен, но ако секој се стави на местото на другите министри ќе можеме да постигнеме договор, така направивме денес и затоа успеавме да постигнеме договор кој ќе го презентираме на 8 октомври, изјави малтешкиот министер, Мајкл Фаруџа.

Европскиот комесар за миграција, Димитрис Аврамопулос, го поздрави напорот на министрите и ги повика останатите земји членки да се приклучат.

До сега, секој заглавен брод во Медитеранот кој не наоѓаше пристаниште, мораше да смета на координацијата на Европската Комисија, што значително го одолговлекува процесот.

-Неодржливо е Европската Комисија да ги координира бродовите со мигранти, повтори Аврамопулос од Малта.

Тој додаде дека ЕК ќе го помага овој нов договор финансиски, оперативно и политички.

-Ги повикувам сите земји членки да учествуваат во солидарните напори. Ќе го отворам прашањето со сите колеги во Советот, ова е наша одговорност и мораме колективно да се справиме, рече комесарот во заминување, додавајќи дека ова е решение на кус рок, но дека само трајно решение вградено во европското законодавство за азил може да биде одржливо на долг рок.

Дали и колку земји членки ќе успеат да убедат министрите на овие четири земји останува под знак прашалник со оглед на силниот отпор кој доаѓа од земјите од Вишеградската група, посебно Унгарија.

-Ова е прв чекор кој ги обединува нашите четири земји, две засегнати земји и две земји кои се ангажирани за солидарноста кон мажите, жените и децата мигранти. Секој да ја сноси својата одговорност, ние ќе ја сносиме нашата, изјави францускиот министер, Кристоф Кастанер.

Франција и Германија изјавија дека нема да ги остават Италија и Малта сами на себе пред миграциските предизвици, и прецизираа дека овој договор е “балансиран“ и не треба да се перципира како повик дека се вратите отворени за сите мигранти, туку е знак на “неопходната солидарност кон Малта и Италија“, изјави Кастанер.

Би можело да ве интересира

На Малта ненадејно избувна невреме, загина нуркач, спасени 17 туристи

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

(ВИДЕО) Уапсена е банда која криумчарела мигранти

Бојмацалиев: Намалена илегална миграција за 50 отсто

Приведен криумчар на мигранти: Бегал од полиција, удрил во канделабра

А1он

Пет Кинези илегално влегле во Македонија –добија парична казна, депортација и забрана за влез

Анита Петровска Рајковиќ