Во Брисел почнува дводневен самит на ЕУ – главни теми се Полска и цените на енергијата

Од:

Лидерите на 27-те земји членки на ЕУ пристигнаа во Брисел, самиот треба да започне во наредните минути. Пред да влезат на седница, лидерите ги најавија своите позиции, јави дописничката на МИА од Брисел.

Октомврискиот самит ќе трае два дена. Првиот ден ќе биде посветен на кризата со одлуката на Уставниот суд во Полска како и цените на енергијата, што не престануваат да растат.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека треба да се заштитат потрошувачите.

-Европската комисија и земјите членки работат напорно да им помогнат на граѓаните и на бизнисите да се справат, Европската комисија предложи низа мерки за енергетските цени, ќе разгледаме како функционира пазарот во целина, стратегијата е масовно да се инвестира во обновливи енергии затоа што се сигурни и се произведуваат во Европа, изјави фон дер Лајен.

На тема Полска се навестуваат жестоки дискусии меѓу полскиот премиер и дваесетина лидери од други земји членки.

Белгискиот премиер, Александер Де Кро, изјави дека Полска преминала црвена линија откако Уставниот суд во Варшава оцени дека правото на ЕУ нема примат врз полскиот Устав.

-Треба да го прашаме полскиот премиер каде оди со ова. Црвената линија е премината, тоа не можеме да го прифатиме, европските граѓани не можат да го прифатат, изјави премиерот на Белгија.

Од своја страна полскиот премиер, Матеуш Моравиецки, кој до своите 26 колеги претходно испрати писмо со образложение на позицијата на неговата земја, изјави дека „во повелбите на ЕУ земјите членки доверија низа компетенции и Полска го признава приматот на законот на ЕУ во тие области кои и се делегирани на ЕУ. Полска нема проблем со дебатата за владеењето на правото и не гледаме разлики меѓу нас и другите земји членки. Ние сме му верни на владеењето на правото како што се и другите и ЕУ институциите“, рече Моравиецки.

Тој меѓутоа додаде дека нема да прифати уцена од ЕУ кон Полска, алудирајќи најверојатно на опцијата да се замрзнат ЕУ фондовите за Полска доколку не се усогласи со барањата на Брисел во однос на приматот на европското право.

Полска очекувано доби поддршка од Унгарија. Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, рече дека “нема примат на правото на ЕУ во повелбите“ и ја отфрли опцијата за било какви санкции кон Полска.

Урсула фон дер Лајен, која пред два дена ја изложи позицијата на Европската комисија пред Европскиот парламент на оваа тема и рече дека правниот поредок на ЕУ мора да биде заштитен по секоја цена, денеска пред почетокот на самитот упати слична порака.

-Срцето на темата е независноста на судството во Полска, ова не е ново, ова е процес кој трае но со одлуката на Уставниот суд ова презема нова димензија и со нетрпение ја очекувам дискусијата со лидерите, сите треба да преземеме одговорност за заштита на темелните вредности на ЕУ, рече шефицата на Европската Комисија.

Во текот на денот се очекува лидерите да разговараат и за Западен Балкан како продолжение на дискусиите во Брдо при Крањ, и посебно за ситуацијата во Босна и Херцеговина, најави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.

Утре лидерите ќе се посветат на миграцијата и на трговијата.

Би можело да ве интересира

Мамер: Забраната на ЕК за патување од Јужна Африка е мерка на претпазливост

А1он

Оптимизам на претставниците на ЕУ по обновувањето на преговорите за заживување на договорот со Иран

А1он

Во наредните денови најверојатно нов ЕУ самит поради сојот омикрон

А1он

Ахмети – Ќучук: Датум за преговори што е можно поскоро

А1он

Предан: Реално е да се подготви теренот за договор меѓу Скопје и Софија, сигналите од Бугарија се охрабрувачки

А1он

Полска го олеснува товарот на инфлацијата врз домаќинствата со пониски даноци и финансиска помош