Во 48 земји низ светот иселените Либанци гласаат на парламентарните избори

Од:

Илјадници Либанци, кои живеат во 48 земји низ светот, вклучувајќи ги и САД, Канада, Австралија, Русија, земји-членки на ЕУ и неколку држави од Африка, денеска гласаат на парламентарните избори во Либан, откако во петокот се гласаше во десет мнозинско муслимански држави од регионот.

За денешното гласање се пријавени околу 195.000 Либанци, а изборите во Либан ќе се одржат на 15 мај.

Денеска се организира гласање за голем број Либанци кои побегнаа од земјата во изминатите две години поради големата економска криза.

За кризата во земјата се обвинува децениска корупција и лошото владеење на политичката елита, која од крајот на граѓанската војна во 1990 година, владее со оваа мала медитеранска земја.

Парламентарните избори во Либан се одржуваат на секои четири години, а претходните беа во 2018 година, кога моќниот проирански Хезболах и неговите сојузници освоија најголем дел од пратеничките мандати.

По изборите не се очекуваат поголеми промени. Главните прозападни партии, сепак, се надеваат дека ќе го лишат Хезболах од парламентарното мнозинство.

Годинава се гласа под нови политички околности, откако сунитскиот лидер, поранешниот премиер Саад Харири, одлучи повеќе да не се занимава со политика, па со таа свопја одлука се изроди страв дека може да им помогне на сунитските сојузници на Хезболах да добијат повеќе мандати.

Локалните медиуми јавуваат дека Харири се нашол под притисок од Саудиска Арабија да ги убеди своите приврзаници да гласаат за да го спречи Хезболах да го искористи вакуумот. Саудиска Арабија и Хезболах, што ја има поддршката на Иран, се регионални ривали.

Денеска во светот се отворени 192 избирачки места, главно во либанските дипломатски претставништва.

-Во петокот гласале 59,45 отсто од 30.929 регистрирани гласачи во муслиманските и арапските земји, изјави министерот за надворешни работи Абдала Бухабиб.

Либанскиот Парламент, со 128 мандати, е подеднакво поделен меѓу муслиманите и христијаните.

Новиот парламент ќе избира нов претседател на Либан по завршувањето на мандатот на досегашниот претседател Мишел Аун.

По објавувањето на официјалните резултати од гласањето следната недела, премиерот Наџиб Микати ќе ја предводи преодната влада додека претседателот не повика на консултации со пратениците за именување на нов премиер. Микати, кој не се кандидираше за член на парламентот, може да биде реизбран на функцијата.

Врз основа на системот на поделба на власта во Либан, претседателот е маронитски католик, премиерот е сунит, а претседателот на парламентот е шиит. Министерските функции исто така се подеднакво поделени меѓу муслиманите и христијаните.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Убиен командант на Хезболах во израелски напад врз Либан

ВИДЕО: Во Иран и во Либан по улици се прославуваше нападот над Израел

Катерина Ѓуровски

Израел ги нападна позициите на Хезболах во источен Либан

Најмалку седум загинати во израелскиот напад врз јужен Либан

(ВИДЕО) Израел објави снимка: Испалија 30 ракети, Железната купола пресретна третина

Катерина Ѓуровски

Командант на Хезболах меѓу 10-те жртви на израелскиот напад во Либан