Висок пораст на бројот на имигрантите кои илегално влегуваат во ЕУ

Од:

Бројот на илегалните имигранти кои се обидуваат да влезат во земјите од ЕУ, на почетокот од оваа година, бележи висок пораст, покажуваат најновите податоци на европската погранична агенција Фронтекс.

Станува збор за илегалци кои користејќи ги познатите поморски и патни правци, од северот на Африка и од истокот на азискиот континент, навлегуваат во Европа, во обид брзо да се префрлат во некоја од земјите-членки на ЕУ, при што прва на удар е Италија.

Од јануари до април оваа година, откриени и регистрирани се нешто над 40 илјади илегални имигранти. Дури 25.600 од нив го користеле централно медитеранскиот коридор, од Либија кон италијанскиот јужен брег.

Во истиот период во минатата година, имало 12.400 илегалци и само 1124 кои дошле преку овој,за имигрантите од Африка, популарен и често користен поморски правец.

Доколку се продолжи со ваквата динамика на движење,на крајот на оваа година, би можело да има повеќе илегални имигранти кон ЕУ, отколку во 2011 година, кога тогашната т.н. арапска пролет во некои земји на Северна Африка и на Блискиот Исток, предизвика масовно движење на повеќе од 140 илјади имигранти и бегалци кон југот на Европа и земјите од ЕУ.

Една третина од имигрантите годинава се од Сирија, каде веќе трета година трае граѓанската војна, во обид да се собори власта на претседателот Башир ал Асад, во која се вмешани Западот и неколку блискоисточни држави, но и понатаму голем број имигранти доаѓаат од Авганистан и од Еритреја, во Источна Африка.

Француската полиција, која неделава растури два импровизирани кампови со илегалци-имигранти, во реонот на градот Кале, на брегот на Ламанш, откри луѓе од голем број земји, од Западна Африка до Бангладеш, вклучувајќи и имигранти од делови на Иран и Пакистан.

Експретите на Фронтекс, стравуваат дека бројките во првите четири месеци годинава, на крајот може да бидат многу поголеми и да достигнат до рекордните 300 илјади имигранти, поради ескалацијата на состојбите во Либија, со непостоењето на централна власт и заканата од граѓанска војна меѓу исламистите и оние кои заговараат секуларна држава.

Во Фронтекс укажуваат дека покрај централниот медитерански коридор, другите познати имигрантски правци и понатаму продолжуваат да служат за префрлање на „илегалци“ во ЕУ. Најброен е коридорот Источен Медитеран, преку Турција и Грција, преку кои годинава навлегле 5800 луѓе, а потоа коридорот Западен Балкан, од Грција, преку Македонија и Србија за западот на ЕУ, што го користеле 3780 илегалци,како и западномедитеранскиот правец, преку Шпанија, низ кои влегле 2650 имигранти.

Како коридори за влез во ЕУ се третираат и албанско-грчкиот правец кон југоисточна Италија, правецот од Источна Европа, преку Украина и оној од западноафриканските земји, од Сенегал и Мавританија кон шпанските Канарски Острови. Преку сите овие правци, во првите четири месеци годинава,навлегле уште 15 илјади имигранти.

Би можело да ве интересира

Орбан: Закован е уште еден клинец во ковчегот на Европската унија

Група од 29 мигранти се спасени од брод во близина на брегот на Крит во Средоземното Море

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје