Вишеградската група ќе го бојкотира мини-самитот на ЕУ за миграција во недела

Од:

Четирите земји од Вишеградската група – Унгарија, Полска, Словачка и Чешка – најавија дека нема да учествуваат на вонредниот мини-самит свикан од страна на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, посветен на проблемите со миграциските прашања во ЕУ.

Премиерите на четирите земји порачаа дека мини-самитот нема легитимитет и дека организацијата на самитите му припаѓа на Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.

– Неделниот мини-самит е неприфатлив, и нема да учествуваме. Сакаат да подгреат стар предлог кој веќе сме го одбиле, изјави полскиот премиер Матеуш Моравиецки.

На самитот се повикани сите кои се заинтересирани. За сега учеството го потврдија Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Шпанија, Австрија, Бугарија, Белгија и Холандија, но добредојдени се сите други, порача вчера Јункер.

Според работен документ објавен од западни медиуми, на состанокот ќе се разговара за „ефикасен механизам на солидарност“ со задолжителна распределба на мигрантите низ земјите членки, нешто што земјите од Вишеград веќе две години категорично го одбиваат.