Со цел да ја прикажат вистинската слика и светот да види што навистина се случува со мигрантите, многу светски медиуми одлучија да ги објават фотографиите на исфрленото тело на дете во егејското море.
На брегот кај турскиот град Бодрум, морето исфрли тело на удавени мигранти меѓу кои и на мали деца. Фотографиите на кои никој не остана рамнодушен и ја прикажуваат вистинската слика за мигрантите, ги преплавуваат медиумите и социјалните мрежи со надеж дека нешто ќе се смени во сфаќањата за овој проблем.
Семејството кое одлучи да избега од со војна зафатената Сирија и се упати на опасниот пат кон Европа, не успеа во својата цел. Жив на брегот успеа да стигне само таткото, додека мајката и двете деца ја изгубија битката со морето.
Фотографијата на која безживотното тело на малолетното дете е исфрлено на брегот го обиколи светот и е уште еден потсетник за тешката состојба во која се наоѓаат овие луѓе.
Освен малолетното дете, во морето се удавија уште 11 мигранти кои се обидувале да стигнат до грчкиот остров Кос. Тие биле на претоварениот брод кој се превртел во морето. Освен тригодишното момче Ајлан, се удавија и неговиот петгодишен брат Галип и 35 годишната мајка. Единствени до брегот допливал таткото, пишува The independent.
Од 12 удавени, пет се деца.