(ВИДЕО) Новинар: Дали сакате Украина да победи? Трамп: Сакам луѓето да престанат да умираат

Од:

Поранешниот претседател Доналд Трамп даде интервју за Си-Ен-Ен само еден ден откако федералната порота на Менхетен утврди дека тој сексуално ја нападнал Е. Џин Керол во соблекувалната во луксузна стоковна куќа во 1996 година. Интервјуто се одржа во градското собрание во Њу Хемпшир пред гласачите.

Трамп одби да признае дека изгубил на претседателските избори во 2020 година, наместо тоа ги повтори тврдењата дека изборите биле наместени. Новинарката на CNN Кејтлан Колинс директно го притисна поранешниот претседател прашувајќи го дали јавно ќе признае дека ги загубил изборите во 2020 година.

Колинс укажа на изјавите на соработниците од кампањата на Трамп кои признаа дека изборите биле спроведени фер.

„Тоа не беа наместени избори. Тоа не беа украдени избори. Вие и вашите поддржувачи изгубивте повеќе од 60 изборни судски случаи. Поминаа речиси две и пол години. Можете ли јавно да признаете дека ги загубивте изборите во 2020 година“, го прашала таа.

Трамп избегна да даде директен одговор. „Најдоа милиони гласови на камерите, на владините камери, каде ги полнеа гласачките кутии. Со сето тоа, мислам дека е срамота што се случи. Мислам дека тоа е многу тажна работа за нашата земја. Мислам дека е многу тажна работа, искрено, за светот, бидејќи ако погледнете што се случи со нашата земја, нашата земја отиде во пеколот“, рече Трамп, продолжувајќи да ја критикува администрацијата на Бајден.

Тој не сакаше да одговори дали смета дека рускиот претседател Владимир Путин е воен злосторник во контекст на руската војна во Украина. Тој рече дека тоа е нешто што „треба да се разговара подоцна“. Сепак, тој призна дека мисли дека „Путин направи грешка“.

„Ако кажете дека е воен злосторник, ќе биде многу потешко да се склучи договор за да се запре оваа работа. Ако е воен злосторник, луѓето ќе го грабнат и ќе го погубат, тој ќе се бори многу посилно отколку што го прави под други околности. Тоа е нешто за што ќе разговараме подоцна“, најави тој.

„Неговата грешка беше да влезе внатре. Тој никогаш немаше да влезе ако јас бев претседател“, продолжи Трамп, мислејќи на руската инвазија на Украина. Тој не даде јасен одговор на прашањето дали сака Русија или Украина да ја добијат војната. „Не размислувам во смисла на победа и пораз. Мислам дека ќе го средиме тоа за да престанеме да ги убиваме сите овие луѓе“, рече тој.

Кога Колинс го праша вторпат дали сака да победи Украина или не, Трамп сè уште не сакаше директно да одговори, наместо тоа рече дека сака „сите да престанат да умираат“. „Руси и Украинци, сакам да престанат да умираат. И ќе го сторам тоа за 24 часа… Ќе го кажам ова – сакам Европа да инвестира повеќе пари“, посочи тој.

На прашањето зошто понел со себе доверливи документи по напуштањето на Белата куќа, поранешниот претседател Доналд Трамп рече дека „имал сите права според Законот за претседателски досиеја“.

„Бев таму и го зедов тоа што го зедов и ќе биде декласифицирано. Имав целосно право да го сторам тоа, не го криев. Знаете, кутиите беа поставени пред Белата куќа, луѓето ги фотографираа“, одговори тој.

Би можело да ве интересира

Американскиот Конгрес одобри помош за Украина

Трамп: Анти-израелските протести на универзитетите се срам за САД, виновен е Бајден

Русија бомбардирала свој град: по грешка погодена Белгородската област

ВИДЕО: Во руски напад урната ТВ кулата во Харков

Русија ја предупредува Европа: Ако ни го земете имотот, одговорот ќе боли

САД испраќа огромен пакет воена помош за Украина