ВИДЕО: Илјадници луѓе демонстрираа на улиците во Франција поради убиство на наставник

Од:

Илјадници луѓе излегоа на улиците на Франција во знак на поддршка на наставниците и со цел да ја одбранат слободата на изразување по убиството на наставник по историја. Од Париз до Лион, Марсеј и Лил, луѓето се собираа во тишина, оддаваа почит со едноминутно молчење, а потоа ја пееја химната, пренесува Ројтерс

Францускиот премиер Жан Кастекс, министерот за образование Жан-Мишел Бланкер, како и други политичари присуствуваа на митинг на плоштадот во Париз во знак на солидарност по нападот.

„Не се плашиме. Нема да не разделите. Ние сме Франција”, рече Кастекс подоцна на Твитер.

Демонстрантите носеа заштитни маски поради пандемијата на коронавирус и транспаренти на кои пишуваше „Да учиме, не да крвариме“ и „Јас сум Шарли“, алудирајќи на сатиричното списание „Шарли ебдо“, кое беше мета на масакр пред пет години.

„Тука сме да ја браниме Република, вредностите на Републиката: слобода, еднаквост, братство и секуларизам“, рече еден од учесниците на протестот во Париз, Пјер Фурние.

Од собирите беше речено дека наставниците биле скршени, но дека тоа нема да ги заплаши, објави Гардијан.

„Страшно е што во Франција во 21 век, наставникот може да биде обезглавен на улица затоа што ја врши својата работа. Ние ќе продолжиме да зборуваме за слободата на говорот и да ги охрабруваме учениците и да им објаснуваме дека секој има право да не се согласува со други мислења”, рече претседателот на синдикатот.

Учесниците на протестот повикаа на национално единство и солидарност.

Демонстрациите беа најавени во време кога француските власти објавија дека уапсиле десетто лице по ужасниот инцидент. Обвинителот објави дека е поведена истрага поради убиството со сомневање за терористички мотив. Последните четири уапсени лица се членови на семејството на напаѓачот, кому во март му беше дадена десетгодишна дозвола за престој во Франција како бегалец. Неговата полусестра се приклучила на Исламската држава во Сирија во 2014 година, но обвинителот не го откри нејзиниот идентитет ниту каде се наоѓа сега.

Тој рече дека во телефонот на осомничениот е пронајден текст во кој тој ја презема одговорноста за нападот, како и фотографија од жртвата. Откриен е и неговиот профил на Твитер, како и фактот дека на оваа социјална мрежа објавил фотографија со отсечена глава неколку минути по нападот, со порака дека го погубил човекот затоа што се осмелил да го понижи Мухамед.

Наставникот Самуел Пати беше убиен во селото Конфлан Сен-Онорин, предградие северозападно од Париз. Пати беше наставник на средно училиште, кој на децата им покажувал карикатури на пророкот Мухамед.

Полицијата го забележала осомничениот напаѓач додека носел нож на кратко растојание од местото на нападот и пукала во него. Извор од полицијата рече дека сведоците слушнале како напаѓачот извикува „Алаху Акбар“ или „Бог е голем“. Портпарол на полицијата изјави дека информациите се проверуваат.

Осомничениот, по потекло од Чеченија, е роден во Москва и имал 18 години, пренесоа француските медиуми.

Франција им понуди азил на многу Чеченци од почетокот на конфронтацијата на Русија со исламистичките сепаратисти во Чеченија во 90-тите и раните 2000-ти, а во Франција има чеченски заедници.

Би можело да ве интересира

Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво

Во Франција се уапсени 13 лица осомничени дека се членови на нарко-банда од Марсеј

(ВИДЕО) Драма во Франција: Поплава однесе татко и две деца

Франција абортусот го прогласи за уставно право

ВИДЕО: Во Франција горат 900 тони литиумски батерии

Во Франција, бројот на случаи на сифилис се зголеми за 110% за две години