Вајгл: Потребна рационализација на некои стереотипни состојби кај одредени членки на ЕУ

Од:

Известителот за Македонија во ЕП Иво Вајгл на денешната средба со македонските пратеници од Мешовитиот комитет ја изразил својата заложба за одбрана на интересите на земјата бидејќи времето и тековната состојба покажуваат дека е потребна рационализација на некои стереотипни состојби и отргнување на „патронизацијата” на одредени земји-членки на ЕУ кон државите од регионот на Западен Балкан, се наведува во соопштението од Собранието.

Во рамки на одржувањето на 12. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, кој се одржува денеска и утре во Европскиот парламент во Стразбур, делегацијата на Собранието имаше средба со словенечки европратеник и известител за Македонија во Комисијата за надворешни работи, Иво Вајгл. Македонски ко-претседавач со Комитетот е пратеникот Кенан Хасипи, негов заменик Артан Груби, а членови се пратениците Антонио Милошоски, Силвана Бонева, Владимир Ѓорчев и Беким Фазлиу.

Како што соопшти собраниската прес-служба, како осведочен пријател на нашата земја, Вајгл истакна дека ја почитува Република Македонија, ја признава под нејзиното уставно име и пред сè го почитува македонскиот идентитет, што е во насока и на словенечката позиција по однос на ова прашање.

Вајгл изрази жалење што земјата сè уште нема отпочнато преговори, и покрај шест препораки по ред и истакна дека во својот мандат искрено и посветено ќе се ангажира да се надмине овој апсурд, да се направи чекор напред во откочување на овој процес. Тој ја изрази својата заложба за одбрана на интересите на Република Македонија, бидејќи времето и тековната состојба покажуваат дека е потребна рационализација на некои стереотипни состојби и отргнување на „патронизацијата” на одредени земји-членки на ЕУ кон државите од регионот на Западен Балкан, се наведува во соопштението. Критиките кон постигнувањата на државите од овие простори, кои долго време биле во меѓусебни воени конфликти, според Вајгл, треба да бидат ублажени и треба да се покаже поголема толерантност кон Балканот.

Пратеникот Хасипи, честитајќи му на изборот на функцијата, накратко ја образложи актуелната политичка ситуација во Република Македонија, за специфичната состојба во која се наоѓа земјата во евроинтегративниот процес, која и покрај наметнатиот спор со името, се соочува и со други барања. Иако сите овие состојби неминовно доведуваат до појава на евроскептицизам, Република Македонија продолжува со реформите, преку акциски планови и конкретни активности во евроинтегративниот процес, на сите нивоа на државните институции, посочил Хасипи.

Во однос на неприфаќањето на мандатите на пратениците од најголемата опозициска партија, Хасипи истакна дека на страната на мнозинството постои волја за дијалог, но не со ултимативен пристап, бидејќи Владата не може да се менува со барања, туку со легитимен процес на избори и добивање на мандатите, се вели во соопштението.

Пратениците разменија мислења и во врска со спорот со името, во насока на тоа дека идентитетот не може да биде предмет на разговор, бидејќи грчката страна секогаш ги зголемува своите апсурдни барања, што доведува до натамошно закочување на евроинтегративниот процес на Република Македонија.

Посочено е дека треба да се земе предвид примена на моделот на Словенија и Хрватска, кои и покрај спорот, како што е наведено во соопштението, изнајдоа сили да не дојде до блокирање на отпочнувањето на преговорите, туку да тече паралелно со решавањето на билатералните спорови.

Соговорниците го информирале Вајгл за редовните состаноци на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, кои ја покажуваат посветеноста на парламентарците да даваат свој конструктивен придонес во позиционирањето на Република Македонија како држава која го заслужува местото на земја-членка на Европската унија.

Вајгл најави дека во текот на претстојната посета на Република Македонија ќе побара средби со сите политички претставници за да размени мислења по актуелните прашања, по прашањата на евроинтеграцијата на земјата, како и да ја пренесе својата посветеност да ѝ помогне на земјата во нејзината поголема визибилност во европските институции, особено во Европскиот парламент, се наведува во соопштението

Би можело да ве интересира

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Касами: Ќе работиме на решавање на билатералниот проблем со источниот сосед, за да го фатиме чекорот со Албанија кон ЕУ

Предраг Петровиќ

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ по Кластерот 1

Борисов и Петков: Скопје да одлучи – внесување на Бугарите во Уставот или патот кон ЕУ ќе остане затворен

Главчев: Македонија едноставно треба да ги исполни барањата на ЕУ