Високи функционери во чешката влада добиле анонимна електронска порака, дека доколку не исплатат милион евра биткоини, државата ќе се соочи со смртоносниот вирус ебола.
Уценувачите ја предупредиле владата дека поради неисполнување на нивните барања, ќе биде ослободен заразен материјал во Прага, но и во останатите чешки градови.
-Доколку не одговорите на ова писмо ќе испратиме предупредување до сите медиуми и социјални мрежи, за да ги информираме граѓаните дека владата не ја интересира иднината на граѓаните- стои во пораката во која пишува дека тие се подготвени да го пуштат вирусот помеѓу луѓето.
Инаку парите бараат да им бидат исплатени во три дела и тоа првиот во понеделник, вториот во среда, а третиот во тек на примопредавање на заразениот материјал.
Биткоинот е електронска валута, која во последно време ја преферираат уценувачите и криминалните групи , затоа што депозитите не можат да се замрзнат, ниту да се повлечат со конвенционални методи, откако ќе бидат уплатени.
Од чешката полиција велат дека нема да ги исполнат барањата и дека уцената не ја сметаат за сериозна.
-Нивна единствена цел е да создадат паника – вели заменик шефот на чешката полиција, Зденек Лаубе.
Според информациите на медиумите, уценувачите користеле технолошки софистицирани средства за комуникација, поради што тешко е да им се влезе во трага, но доколку бидат откриени, би можело да добијат до 12 години затворска казна.
Е. Г.