Турците денес избираат претседател: Ердоган и Киличдароглу ќе се борат до последен глас

Од:

Во Турција денеска се одржува вториот круг од претседателските избори на кои околу 64 милиони гласачи со право на глас ќе одлучуваат кој ќе биде на чело на државата во следните пет години.

Битката се води меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган (69) од Партијата на правдата и развојот и Кемал Киличдароглу (74), кој е заеднички кандидат на шест опозициски партии.

Ердоган во првиот круг од изборите пред две недели освои 49,5 отсто од гласовите, додека Киличдароглу 44,9 отсто. Ердоган владее со Турција 20 години, прво како премиер од 2003 година, а потоа како претседател од 2014 година, а ниту еден политичар во поновата историја не ја обликувал земјата како него. Неговата политичка кариера започна во 1970-тите. Тој беше член на младинската организација на тогашната партија на Нејметин Ербакан, основачот на исламистички ориентираното движење Национален поглед. Од 1994 до 1998 година, Ердоган беше градоначалник на Истанбул. После тоа, тој помина четири години во затвор поради ширење омраза. За време на големата економска и политичка криза во 2001 година, тој ја основа својата исламистичка конзервативна Партија на правдата и развојот. Само една година подоцна, партијата освои апсолутно мнозинство на парламентарните избори и оттогаш Ердоган нема пораз на избори. На негова иницијатива во април 2017 година беа усвоени уставни амандмани и во Турција беше воведен претседателски систем.

Од друга страна, Киличдароглу тврди дека сака да биде „само привремен шеф на државата за да го отвори патот од режимот на еден човек на Ердоган до парламентарната демократија“ – и потоа да ја предаде палката на младите политичари.

До првиот круг водеше умерена кампања. Тој се претстави како помирувач кој сака да го обедини длабоко поделеното турско општество. Тој како симбол го користеше знакот на срцето и неговиот слоган беше „Ветувам дека повторно ќе ти донесам пролет“. По поразот во првиот круг зазеде гласен и агресивен став и објави пораки против бегалците. Тој дури се поврза и со десничарската популистичка и антибегалска Партија на победата, која освои 2,2 отсто од гласовите на парламентарните избори.

Изборите се одржуваат под товарот на високата инфлација и падот на вредноста на лирата и страшниот земјотрес во кој во февруари загинаа над 50.000 луѓе.

Предизборните анкети покажуваат дека Ердоган денеска би можел да освои меѓу 52 и 54 отсто од гласовите, но во вториот круг можни се изненадувања и многу ќе зависат од излезноста која пред две недели изнесуваше дури 87 отсто.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Турција, кај Анталија се тресеше со јачина од 4,8 степени

Катерина Ѓуровски

Силен земјотрес ја погоди Турција

ВИДЕО: Полета првиот турски борбен авион од 5-та генерација

Силен земјотрес ја погоди Турција

Горан Наумовски

Несреќа во рудник за злато во Турција: Најмалку девет рудари се затрупани

(ВИДЕО) Пукање во Истанбул, шестмина повредени: напаѓачите се убиени

Катерина Ѓуровски