Каталонскиот лидер Квим Тора денеска изјави дека пресудата за каталонските лидери е „навреда за демократијата“.
Тој ја отфрли пресудата како „нечесна и недемократска“.
– Каталонија е во сериозен момент. Осудени се 12 чесни луѓе и демократи. Секогаш дејствувале во демократска смисла. Да се осудат е навреда за демократското и каталонското општество. Ние апелираме за ставање крај на репресијата, ослободување на политичките затвореници… на амнестија која би требало да биде крајна точка за сите оние кои претрпеле репресии, посочи Тора.
Тој додаде дека треба „да се оди напред без изговори, на патот кон република Каталонија“.
Тора побара и итен состанок со премиерот на Шпанија, Педро Санчез.
Во меѓувреме и фудбалскиот клуб Барселона ја критикуваше одлуката на Врховниот суд на Шпанија да осуди девет поранешни каталонски политичари и активисти за човекови права на казни од девет до 13 години затвор поради нивната улога во неуспешното прогласување на независноста на Каталонија во 2017 година.
Фудбалскиот клуб наведе дека „затворот не е решение“ и оти „само преку политички дијалог“ мора да се дојде до независноста на Каталонија.
Клубот ги повика политичките лидери да водат дијалог и преговори и да изнајдат начин за ослободување на затворениците.