Неколку десетици луѓе беа уапсени од полицијата, откако во повеќе градови на Австралија избувнаа судири на антиисламисти и антирасисти.
Најостри судири имаше во Мелтон, едно од предградијата на Мелбурн, но вакви инциденти се регистрирани и во Сиднеј, Аделеид и Бризбејн, како и во главниот град Канбера и на западот од земјата, во Перт.
Судирите на приврзаници и активисти на двете спротивставени групации, настанаа откако австралиската десничарска група „Риклеим“ („Припитомување“) организираше десетици протесни маршеви низ градовите во земјата.
Дел од овие маршеви прераснаа во насилни, кога десничарските активисти се судрија со активисти на разните антирасистички групи.
Еден жител на Мелтон изјави за локалните медиуми дека одлучил да им се приклучи на антиислмистите од, како што рекол, сосема разбирливи причини.
Според овој десничарски активист, дојденците во земјата ќе мора да се асимилираат во австралиското општество и да се претворат во Австралијци, доколку се одличиле да се населат и да живеат во земјата.
– Некои луѓе, имам впечаток се дојдени овде од сосема грешни причини, изјавил овој жител на мелбуршкото предградие.
Тој објаснува дека се приклучил на групата „Риклеим“ затоа што „не би сакал да се чувствува како да не припаѓа на Австралија“ поради бројните исламистички заедници низ градовите.
Вакви судирања меѓу антиисламисти и антирасисти имаше во Мелбурн и во јули оваа година.