Опозицијата во Судан и владејачкиот Преоден воен совет синоќа се договорија да формираат заеднички комитет за да ги решат меѓусебните несогласувања.
Договорот се случува во момент кога во земјата е зголемена затегнатоста околу тоа колку време ќе биде потребно за преод кон цивилна власт после симнувањето од власт на поранешниот претседател Омар ел Башир, коментираат светските агенции.
– Ние сме партнери кои заедно работат со цел Судан да биде безбеден, рече портпаролот на Преодниот воен совет Шамс Ел Дин Кабаши во обраќање на државната телевизија, после состанокот со претставниците на опозицијата.
Воениот совет и опозицијата изминатите денови изразија спротивни ставови околу барањата за демократизација под цивилна управа.
Демонстрантите во Судан неодамна ги прекинаа преговорите со воениот совет, затоа што не беше исполнето нивното барање армијата да ја предаде власта на цивили.
Суданската армија го симна од власт ел Башир, после четири месеци улични демонстрации против неговото 30-годишно владеење кое го одбележаа конфликти, граѓанска војна и корупција.