Столтенберг: НАТО испраќа во Украина дополнителна помош во гориво и агрегати

Од:

Првиот човек на Алијансата, генералниот секретар Јенс Столтенберг, вечерва во Букурешт изјави дека шефовите на дипломатиите на нејзините членки попладнево одлучија да и испратат на Украина дополнителна помош во гориво и агрегати и додаде дека поддршката за таа земја ќе биде долгороична.

На прес-конференцијата по завршувањето на првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, Столтенберг кажа дека средбата испраќа „силна порака“ за единството на Алијансата и континуираната поддршка за Украина.

Тој кажа дека на неформалната работна вечера со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, министрите детално ќе разговараат за потребите на Украина, чиј електроенергетски систем е сериозно оштетен од руските ракетни и воздушни напади.

Столтенберг повтори дека снабдувањето со оружје за Украина е „најдобар начин за поддршка на трајниот мир“ во оваа земја и посочи дека нејзината одбрана би била значително послаба без противвоздушните одбранбени системи што и се доставени за одбрана од руска агресија.

-Русија користи напади со ракети и беспилотни летала за да ја остави Украина во мрак и студ. Путин ја користи зимата како оружје за да ги принуди Украинците да замрзнат или да бегаат. НАТО не е страна во војната, но ние ќе продолжиме да ја поддржиме Украина се додека е потребно, нема да отстапиме, рече генералниот секретар на Алијансата на средбата со новинарите.

Столтенберг кажа и дека Алијансата има планови за заштита и одбрана на своите членки, кои ги активираше кога Русија ја почна својата агресија врз Украина.

-Ние постојано ги развиваме тие планови. На самитот во Мадрид (во јуни) донесовме одлука за дополнително зголемување на присуството на источното крило, бројот на борбени групи е зголемен од четири на осум, рече генералниот секретар на НАТО.

Тој изрази загриженост за безбедносната ситуација на Западен Балкан, пред се во Босна и Херцеговина и Косово.

-Секако дека сме загрижени. Имаме членки и партнери во оваа област. Имаме мисија на КФОР на Косово со околу 4.000 војници. Присутни сме и во Сараево. Тесно соработуваме со ЕУ со цел да се стабилизира ситуацијата во регионот, рече тој.

Едно од важните прашања на дводневниот состанок во Букурешт е влезот на Шведска и Финска во НАТО, што се очекува наскоро. Шефовите на дипломатиите на Шведска и Финска денеска и утре учествуваат на сите состаноци на Северноатлантскиот совет, клучното тело на НАТО задолжено за одлучување.

-Протоколот за пристапување на Шведска и Финска го потпишаа сите 30 членки, а само две (Унгарија и Турција) не го ратификуваа. Тоа е многу брз пристапен процес. Влезот на Шведска и Финска ќе го зајакне НАТО и ќе ги направи двете земји и Алијансата побезбедни и посигурни, рече Столтенберг.

Извор:МИА

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Украинците објавија снимка: Вака изгледа град кој го напаѓаат Русите

САД одделно ќе гласа за помош на Украина и Израел, републиканците на Трамп се закануваат

Русите ги распоредуваат моќните ракети „Кх-69“

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Американски снајперист во Украина: Мора да го запреме Путин

ВИДЕО: Русија жестоко нападна неколку украински градови, најтешко погоден Харков

Катерина Ѓуровски

Украина тврди дека соборила руски хелкоптер, Русите велат сам паднал