Состанок на финансиските лидери на земјите од Г20 на Бали

Од:

Министрите за финансии и гувернерите на банките на земјите од Г-20 денеска започнаа состанок во Бали, Индонезија, на кој се очекува да доминираат тема за последиците од руската инвазија на Украина врз глобалната економија, во време на растечка инфлација.

Индонезиската министерка за финансии Шри Муљани Индравати на отварањето на состанокот ги повика богатите и земјите со забрзан развој да изнајдат начини да градат мостови а не ѕидови. Таа рече дека последиците од неуспехот ќе бидат „катастрофални“, особено за помалку богатите земји.

„Милиони и милиони, ако не и милијарди луѓе зависат од нас“, рече Индравати.

Состаноците на шефовите на финансии следат по состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 претходно овој месец, на кој учесниците не успеаја да ги усогласат ставовите по однос руската војна во Украина и нејзиното влијание врз светот.

Сепак, Индравати смета дека финансиските состаноци на Г20 имаат предност оттаму што се помалку политизирани. Таа рече дека Индонезија се обидела да дејствува како „чесен посредник“, во обид да се надмине јазот меѓу Истокот и Западот дополнително продлабочен со руската интервенција во Украина.

„Не постојат упатства за тоа како да се постигне договор со оглед на невидените тензии околу војната“, рече Индравати.

Финансиските лидери се обидуваат да координираат како ќе управуваат со своите стопанства низ инфлацијата што достигнува највисоки стапки последните четири децении, како да се деблокираат синџирите на снабдување прекинати со пандемијата на коронавирусот, и како да се зајакнат финансиските системи пред идните предзивици и ризици.

„Г-20 успеа да ги премости разликите во справувањето со глобалната финансиска криза од 2008 година и пандемијата. Активностите што ќе ги преземеме имаат многу големо влијание врз светот, рече Индравати.

Првично состанокот требаше да биде дискусија за најдобриот начин за закрепнување на светскиот економски раст по пандемијата на коронавирусот, но сега на врвот на приоритетите е војната во Украина и светската криза за храна и енергија.

Средбата секако ќе биде можност за нова конфронтација меѓу западњаците кои ја осудуваат Москва и ја сметаат одговорна за економските проблеми, и големите земји во развој што се противат на санкциите против Русија.

Русија на состанокот ја претставуваат заменик-министерот за финансии Тимур Максимов и претставникот на Руската централна банка Јелисавета Данилова, додека министерот за финансии Антон Силуанов се очекува да учествува преку видео-врска.

Москва не испрати делегација на највисоко ниво после „многу директните критики” што ги претрпе шефот на руската дипломатија минатата седмица на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20, пренесуваат агенциите изјава на високопоставен претставник на Западот.

Една од клучните цели на американската министерка за финансии Џенет Јелен и другите западни претставници ќе биде да постигнат договор за поставување ограничувања на цената на руската нафта, што би можело да помогне да се стави под контрола и да се ублажи високата инфлација, а во исто време да се ограничи пристапот на Русија до средства.за финансирање на војната.

Јелен рече дека сè уште не е утврдено која ќе биде границата, но оти таа треба да биде таква што ќе и даде поттик на Русија да продолжи да произведува енергенси.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Ердоган до лидерите на Г20: Исполнете ги барањата на Русија

Предраг Петровиќ

Групата Г20 и даде на Африканската унија ист статус како и на Европската унија

Блинкен: Не планирам да се сретнам со руски и кинески министри на самитот на Г-20

Ана Ололовска

Индија и Кина прават притисок на Г20 во соопштението за Украина да го нема зборот војна

Земјите од Г20 усвоија конечна декларација во која се критикува војната во Украина

Лавров: Западот се обидува да ја политизира декларацијата на Г20

А1он