Случаите на самоубиства кај деца достигнаа досега невиден рекорд во Јапонија

Од:

Самоубиствата меѓу јапонските деца на училишна возраст достигнаа рекордно ниво во текот на изминатата учебна година, покажа извештај на Министерството за образование.

Во текот на учебната година во 2020 година, Јапонија регистрираше 415 самоубиства меѓу ученици на возраст од 6 до 18 години – најголем број од 1974 година, откако се води евиденција, пренесува Си-Ен-Ен.

Постојат голем број фактори зад самоубиствата, вклучувајќи семејни проблеми, лоши резултати во училиштето, односи со други деца и болести, објави јапонскиот јавен сервис НХК.

Причината за повеќе од половина од самоубиствата пријавени минатата учебна година е непозната, соопшти НХК.

Бројот е 31 отсто поголем од претходната учебна година, кога 317 ученици извршиле самоубиство.

– Зголемувањето на бројот на самоубиства е нешто што укажува на алармантна ситуација, изјави за НХК Егучи Аричика, шеф на одделот за деца и студентски прашања на јапонското Министерство за образование.

Јапонското Министерство за образование спроведува годишно истражување во училиштата на сите нивоа и собира податоци за самоубиства, малтретирање и самоволни отсуства од училиште.

Извештајот објавен вчера, исто така, покажа дека повеќе од 190.000 ученици од основните и средните училишта биле надвор од училиште 30 дена или повеќе минатата учебна година, објави НХК. Тоа е рекордно висока бројка и зголемување од осум проценти во однос на претходната година.

– Резултатите покажуваат дека пандемијата предизвика промени во училишната и семејната средина и имаше влијание врз однесувањето на децата, рече Егучи.

Тој додаде дека Министерството сака да го олесни пристапот до начините на кои луѓето можат да добијат помош и да обезбеди децата што не можат да посетуваат училиште да продолжат да учат.

Се уште не е јасно до кој степен затворањето и изолацијата за време на пандемијата придонесоа за зголемување на отсуството. Основните и средните училишта беа затворени во Јапонија од март до крајот на мај 2020 година. Јапонската учебна година започнува во април и завршува во март следната година.

Истражувањето покажа дека околу 30.000 ученици биле отсутни од училиште 30 или повеќе дена поради загриженост за пандемијата на коронавирусот, објави НХК.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Силен земјотрес од 6,1 степен ја погоди Јапонија

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Седуммина мртви во превртениот танкер кај Јапонија

ВИДЕО: Кај Јапонија се преврте танкер

Катерина Ѓуровски

Јапонија влезе во рецесија, Германија стана трета најголема економска сила

Силен земјотрес ја погоди Јапонија

Два авиони се судрија на писта, нов инцидент во Јапонија