Скапа борба за германските пензионери

Од:

Дојче веле – Бон

Секој трет гласач во Германија има повеќе од 60 години. Борбата за нивните гласови е во центарот на интересот на политичарите. Поради тоа и многу се ветува на таа група од населението. Но кој ќе го плати тоа?

Генерациските станбени проекти, каде во некој вид комуна, живеат припадници на неколку генерации, сè повеќе се популарни во Германија. На еден поранешен селски имот Поранешниот семејство Бебер живее во поранешен фарма имот во југозападна Германија, Ландау. Инге и Борис се на почетокот на седмата деценија од животот и задоволни се од своите пензии. И покрај ова, актуелната дискусија за разни облици на пензии многу ги интересира. Инге смета дека идејата за т.н. мајчинска пензија е добра. – Со тоа се признаваат заслугите на многу мајки, вели оваа мајка на две возрасни деца.

Скапа пензија за мајките

Мајчината пензија или пензија за мајки, е идеја на конзервативната Христијанско-социјална унија (ЦСУ), која со овој проект се додворува на својата традиционално конзервативна клиентела, каде традиционалната поделба е се уште валидна: таткото заработува пари, мајката се грижи за домаќинството и децата. Кај овие пензии всушност се работи за изедначување на бодовите од кои зависи висината на пензијата и за оние чии деца се родени пред 1992 година. За родителите на децата родени по 1992 година веќе важат пензиските додатоци.

Пензијата за мајките е само дел од реформата на пензискиот систем, кој беше усвоен во 2014 година и оваа година е целосно ефективен и ќе придонесе за зголемување на пензиите на околу 10 милиони пензионерки од Германија (и пензионери). И ќе проголта најголем дел од 60 милијарди евра, колку што треба да чини вкупната реформа на пензискиот систем.

Тоа е причината зошто Ирис Бибер, која смета дека мајчинската пензија е добра, сепак верува дека би било подобро жените да заработуваат подобро и да не бидат зависни од такви форми на зголемување на пензиите.

Широк дијапазон на ветувања за пензионерите

Но, во моментот, копјата се кршат околу другите форми на скапи политички ветувања за идните пензионери. Бидејќи статистиката е јасна: секој трет гласач во Германија е постар од 60 години. И уште еден важен фактор: Излезноста на изборите кај постарите од 60 години изнесува 80 отсто, односно е екстремно висока.

Поради тоа не изненадува тековната борба за овој дел од електоратот. Пензијата на мајката, основната пензија, пензија за оние кои моментално заработуваат малку, па нивните пензии ќе бидат под социјалниот минимум. Темата за т.н. основни пензии е особено популарна за граѓаните од источниот дел на земјата, во областа на поранешната ДДР, каде примањата се сè уште пониски отколку во западниот дел на Германија.

А годинава во овие делови на Германија се одржуваат бројни покраински и локални избори. Затоа, не е изненадувачки што политичарите ветуваат мед и млеко на оние кои заработуваат помалку пари и кои би можеле да очекуваат пониски пензии. Основната пензија ќе важи за оние кои цели 35 години уплатуваат во пензиски фонд, но поради ниските приходи не можат да очекуваат пензии од над 900 евра. За оваа група граѓани, социјалдемократскиот министер за труд Хубертус Хајл ветува пензиски додаток. Ова, во некои случаи, може да изнесува до 450 евра месечно повеќе од пензискиот фонд.

Кавгата помеѓу СПД и Унијата ЦДУ/ЦСУ во моментов се води околу тоа дали зголемената пензија треба да се исплаќа автоматски (како што предлага СПД) или секој случај треба да се испита индивидуално (како што бара Унијата). Наглото зголемување на популарноста на СПД откако министерот Хајл предложи солидна пензија за сите, покажува дека вреди да се исплаќаат подароци на гласачите-пензионери.

На сметка на младите

Но се погласни се оние кои предупредуваат дека главното оптоварување ќе биде на оние кои работат, значи на помладите генерации. Марк Хауптман е претставник на ЦДУ во Бундестагот и претседател на таканаречената „Млада група“ во германскиот парламент. Тој, исто така, верува дека германската пензиска политика во последниве години е целосно погрешна.

– Мислам дека сите реформски пензиски пакети од последните години треба да се стават на проверка. Ова вклучува и пензија со 63 години и Мајчината пензија и Основната пензија. Бидејќи сите овие пакети неизбежно и постојано доведуваат до посилно оптоварување на вработените, вели Хауптман, додавајќи: Тоа не е фер. Товарот го носат идните генерации.

Дека сите ветувања кон пензионерите е невозможно да се финансираат, верува и претседателката на Младите либерали Риа Шредер. – Мораме да инвестираме во иднина и не смееме да заборавиме дека парите што ги мислиме да ги трошиме се потребни за инвестиции во економијата, за социјалната држава воопшто може да постои во иднина, заклучува младата либерална политичарка.

Скепса изрази и претседателот на Партијата на зелените, партија која не секогаш ги споделува ставовите на демохристијаните или либералите. – Мислам дека тежиштето кое во моментов е дефинитивно во корист на постарите генерации треба итно да го исправиме, рече претседателот на Зелените Роберт Хабек.

За тоа што Германија може да си дозволи, а што не, кога станува збор за пензии, е прашање за кое во владејачката демохристијанска-социјалдемократска коалиција, сé уште нема консензус. Министерот за финансии од редовите на социјалдемократите смета дека има простор за трошење, но под услов даноците да не се намалуваат. Но, тоа е токму тоа што демохристијаните бараат.

Со оглед на тоа дека во моментов се води жестока дебата околу буџетот, а потреба за повеќе пари најавија и други ресори, како што е одбранбениот, прашање е кога ќе заврши расправата, колку пари ќе останат за ветувањата кон пензионерите.

 

 

Би можело да ве интересира

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис

Над 20 повредени во нова автобуска несреќа во Германија-патниците биле средношколци

Горан Наумовски

Истрага против возачот на превртениот германски автобус во кој имаше загинати и повредени