Саудиска Арабија ослободи две активистки за женски права

Од:

Саудиска Арабија ослободи две истакнати активистки за женски права кои се наоѓаат во затвор од 2018 година, соопшти вчера Центарот за човекови права во Персискиот залив.

Самар Бадави и Насима ал-Садах сега не се во притвор, но нивните движења и активности остануваат строго ограничени. Тие не смеат да го напуштат ова ултраконзервативно кралство, да објавуваат постови на социјалните мрежи или да прифаќаат каква било работа.

Ал-Садах работеше како новинарка за интернет весникот „Јухаина“. Таа беше уапсена во 2018 година под обвинение, меѓу другото, за комуникација со групи во странство кои се непријателски настроени кон Саудиска Арабија.

Бадави, пак, го привлече вниманието кога го доведе во прашање машкиот систем на старателство со поднесување тужба против нејзиниот татко во 2010 година, што доведе до привремено апсење.

Таа подоцна ги тужеше сообраќајните власти за одбивање на барањето за возачка дозвола. Кога во 2018 година беше укината забраната за возење, безбедносните сили повторно ја уапсија.

И покрај некои отстапки во општествениот живот, саудиската Влада продолжува изразито жестоко да ги прогонува активистите за човекови права.

Меѓу нив е и активистката за женски права Луџаин ал-Хатлул, која, исто така, се бореше за укинување на забраната за управување возила на жените. Таа беше ослободена во февруари годинава по илјада дена минати во притвор, но приврзаниците велат дека таа може повторно да биде уапсена за какво било дело што ќе се смета за незаконско.

Би можело да ве интересира

Политички скандал: Откажан мечот меѓу Фенербахче и Галатасарај во Саудиска Арабија

Економијата на Саудиска Арабија поминува низ турбуленции поради намаленото производството на нафта

Предраг Петровиќ

Фудбалерите разочарани од Саудиска Арабија-зедоа стотици милиони, но немаат публика

Махрез заврши во болница

Познато колку пари потрошиле Саудијците за засилување на нивната лига

Предраг Петровиќ

Саудијците ослободија Американец кој беше осуден на 19 години затвор поради твитови