Премиерот на Шпанија, Педро Санчез изјави дека каталонските сепаратисти, кои планираат во регионалниот Парламент да усвојат декларација „за самоопределување“ ќе наидат на „цврст и сталожен одговор“ од страна на државата ако го прекршат законот.
Три парти кои поддржуваат независност на Каталонија, а имаат 70 од 135 места во Парламентот во Барселона, најавија усвојување на декларација, која е во спротивност со одредбите на шпанскиот Врховен и Уставен суд.
Тие во декларацијата, што планираат да ја стават на гласање, прво се наведува нов референдум за независност. Иако декларацијата е необврзувачки документ, сепаратистите со неа сакаат да покажат дека не ги признаваат затворските пресуди за деветтемина каталонски претставници поради организирање на референдум во 2017 година и прогласување на република Каталонија.
– Секое лице, кое ќе ја помине границата на законот ќе наиде на цврст и сталожен одговор од демократската држава, посочи Санчез.
Санчез, кој на 10 ноември го чекаат парламентарни избори, минатата недела ги одби барањата на десницата за воведување на вонредни мерки во Каталонија, како одговор на насилните протести и чекорите преземени од каталонската Влада. Во Каталонија почнаа протести откако шпанскиот Врховен суд на 14 октомври осуди девет каталонски претставници на затворски казни од девет до 13 години поради бунт и користење на јавни пари за организирање на референдум за независност во 2017 година, кој беше забранет од Уставниот суд и последователното еднострано прогласување на независност на Каталонија. На тројца каталонски претставници им е забрането да извршуваат јавни функции и треба да платат парични казни.
Најавената декларација се повикува на волјата на гласачите и дека каталонската Влада може да почне со организирање на нов референдум за самостојност.
Шпанската министерка за правда Долорес Делгадо изјави дека шпанската Влада нема да реагира на „никакви најави“ за декларација, а ако биде усвоена, прво ќе биде разгледана.
– Заговорниците на независност знаат дека провокациите не служат за ништо. Тие само предизвикуваат болка во каталонското општество, наведе Делгадо.
Санчез на 19 октомври ја посети полицијата во Барселона, но ја одби поканата на каталонскиот лидер Квим Тора за средба.
Тора претходно изјави дека ќе ја брани идејата за организирање на нов референдум за независност и воспоставување на република Каталонија до крајот на неговиот мандат, што истекува во декември 2021 година.
Шпанската конзервативна влада во октомври 2017 година привремено го презеде директното управување со Каталонија и распиша предвремени избори како одговор на референдумот и прогласувањето република.
Каталонија е покраина во североисточна Шпанија, а нејзиното 7,5 милионско население е поделено за независноста. И заговорниците и противниците на независност најавија протести в сабота и в недела. Каталонија од 1978 година има своја Влада, Парламент, полиција и болници, а каталонскиот јазик е службен во тамошните институции. Шпанската централна Влада раководи со надворешната, одбранбената и фискалната политика.