Американската влада ќе ја прогласи бунтовничката сириска група “Џабат Ал Нусру” за меѓународна терористичка организација, објави телевизиската станица ЦНН.
Како што пренесува телевизијата, одлуката ќе биде објавена утре. Таа бунтовничка група, која учествуваа во востанието против сирискиот лидер Башар ал-Асад, се смета дека е блиску поврзана со огранокот на Ал Каеда во Ирак, наведува американската телевизија.
Групата се состои од радикални исламисти, кои со години биле активни во нападите врз меѓународните сили во Ирак.
Американски официјални лица, во документот кој ќе биде објавен, укажуваат на тоа дека таа терористичка група стои зад неколку успешно извршени напади врз сириските сили, како и дека користи екстремни тактики, како што се самоубиствени бомбашки напади.
Целта на оваа одлука, според Ен-Ен, е да се изолираат во Сирија екстремистичките милитантни групи и да се поддржи новата опозициска политичка групација која е формирана на самитот во Катар минатиот месец.
Според податоците од меѓународните организации, од почетокот на конфликтот во Сирија убиени се повеќе од 40.000 луѓе, а организациите за човекови права ги обвинуваат владините сили, како и бунтовниците за бројните ѕверства и воени злосторства.