САД распоредува најмодерни авиони Ф-35 кај Хирошима

Од:

Tанјуг – Белград

САД на Пацификот праќаат најскап и еден од најконтроверзните вооружени системи во својата историја – борбени авиони Ф-35, со цел да станат „темел на одбраната” на тоа подрачје, а со тоа праќаат и јасна порака на своите сегашни и потенцијални противници во тој регион. Аналитичарите сметаат дека присуството на авионите се сигнал на Северна Кореја и Кина.

Првиот од тие авиони на Маринскиот корпус на американската војска е пратен претходната недела од Аризона во Јапонија, за прво прекуморско распоредување на овие „невидливи” авиони, наведе Си-Ен-Ен.

Авионите ќе бидат сместени во авионската база на американскиот Марински корпус Ивакуни, недалеку од Хирошима, на главниот јапонски остров Хоншу. Праќањето на овие авиони, вредни 104 милиони долари, покажува дека Вашингтон е „посветен на одбраната на Јапонија со најмодерна опрема која САД ја поседуваат” – рече за Си-Ен-Ен претставничката на експедитивните сили на американскиот Марински корпус во Јапонија, Керолајн Фут.

„Тоа ќе биде камен темелник на заедничките сили со повеќе задачи кои поседуваат развиена флексибилност во вршење на задачите и ефикасност без преседан за борба и уништување и воздушни и копнени закани” – истакна Фут.

Американските маринци ја фалат сестраноста на Ф-35 Б, опишувајќи го како „единствена комбинација на невидливост, врвна радарска и сензорна технологија и системи за електронско војување, со смртоносни способности на ловци од петтата генерација, модерен бомбардер и платформа за воздушна поддршка во сите околности и против сите закани”.

Ф-35 исто така се продава и произведува во сојузничките земји на САД ширум светот, вклучувајќи ја и Јапонија, која прв таков авион доби во декември. Овој авион е специфичен по тоа што може да полетува и слетува во вертикална положба, па може да оперира со амфибиски јуришни бродови, а исто така го заменува АБ-8Б „хериер”.

Маринскиот корпус тврди дека распоредувањето на Ф-35 во Јапонија е дел од фокусирањето на администрацијата на претседателот во заминување Барак Обама на Азија и дека не е поврзано со ниту една моментална посебна ситуација. Меѓутоа, аналитичарите сметаат дека присуството на авионите е порака до сегашните и потенцијални противници на САД во тој регион.

Карл Шустер, поранешен оперативен директор на Пацифичката команда на САД, смета дека тоа е сигнал до Северна Кореја и Индија, додека безбедносниот аналитичар Кори Волас вели дека САД со тоа сигнализира приоритет кој го даваат на сојузот со Јапонија во овој период на засилени тензии.

Тензиите меѓу Јапонија и Кина пораснаа минатата година поради превирањето во врска со контролата над островот на кој и едната и другата земја полагаат право во Источното Море, потсетува Си-Ен-Ен.

Би можело да ве интересира

Најмалку 64 жртви на ураганот Хелена во југоисточниот дел на САД

Иран: Нема да се двоумиме, САД мора да ги прифати последиците

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак

Најмалку 52 лица загинаа во ураганот Хелена, речиси пет милиони луѓе останаа без струја

САД ќе ја поддржи Македонија во обидот да се пробие блокадата на патот кон ЕУ, порача Касаноф на Сиљановска

Експлозија во судница во Калифорнија, двајца повредени