САД и сојузниците од НАТО ќе одржат голема воена вежба низ целиот Балкан следната година

Од:

Вооружените сили на САД и сојузниците од НАТО кон крајот на пролетта и почетокот на летото следната година ќе одржат голема воена вежба „Бранител на Европа 21“ (Defender Europe) на целиот Балкан, освен во Србија.

Ова денеска го пишува порталот Балканска безбедносна мрежа и наведува дека вежбата ќе се одржи во помала мера и на Балтикот и во Германија.

– Дефендер 21 ќе ги користи скоро сите поголеми воени полигони во регионот – Слуњ во Хрватска, Мањача во Босна и Херцеговина и Криволак во Северна Македонија. Ќе се вежба и на планината Сињајевина во Црна Гора и во Грција во близина на пристаништето Александрополис на границата со Турција. Предвидена е и употреба на базата Бондстил кај Урошевац. Ќе се одржи на вкупно 64 локации: 31 полигон, 13 цивилни и 10 воени аеродроми, како и шест пристаништа и четири резервни локации, информира порталот.

Во текстот пишува и дека во вежбата од поголемите американски единици ќе учествуваат 82-та воздушна дивизија, 173-та падобранска бригада од Виченца во Италија и 53-та пешадиска бригада на Националната гарда на Флорида. Тие ќе имаат поддршка од транспортната авијација, морнарицата и неколку единици за борбена поддршка.

„Бранител на Европа 21“ е втора во низата вежби „Дефендер Европа“.

Првата се одржа оваа година и беше најголемата американска воена вежба во Европа во изминатите 25 години, но ангажманот на трупите беше преполовен поради епидемијата на коронавирусот.

– Бранител на Европа ќе се одржува секоја година, со цел американската војска и сојузниците да ја проверуваат увежбаноста за заеднички операции и јакнење на интероперабилноста. Во непарните години, бројот на ангажирани американски трупи ќе биде помал во однос на парните години поради слични вежби во Пацификот, наведува порталот.

Армијата на Република Северна Македонија во јули годинава преку видео телеконференциска врска ја реализира главната планирачка конференција (ГПК) за вежбата „Defender Europe 21“, во чии рамки е и вежбата „Одлучен удар 21“ (ОУ21). На конференцијата учествуваше персонал од тимот за планирање на вежбата, претставник од ГШ на Армијата, како и од канцеларијата за соработка во одбраната при Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

„Defender Europe 21“ е серијал на вежби предводена од Армијата на САД во Европа и тоа вежбите: Swift Responce 21 (SR21), „Immediate Reponce 21“ (IR21), „Saber Guardian 21“ (SG21) и „Defender 21 Command Post Exercise“ (D21 CPX). Армијата активно ќе учествува на две вежби од DЕ21 и тоа „Immediate Reponce 21“ и „Saber Guardian 21“.

Во Албанија ќе бидат стационирани околу 8.000 американски војници, а Министерството за одбрана во Тирана објави и фотографии од конференција за планирање на вежбата. Албанија го најавува „Дефендер 21“ како една од најголемите меѓународни и една од најголемите воени вежби што некогаш била одржана на нејзина територија.

Паралелно со американската, голема вежба во регионот во 2021 година ќе спроведе и НАТО.

Во официјалниот календар на вежби на Врховната команда на Сојузничките сили на НАТО во Европа се наведува дека вежбата „Цврст бранител 21“ (Steadfast Defender 21) ќе се одржи од 20 мај до 22 јуни на територијата на Унгарија, Романија и Бугарија.

„Цврст бранител 21“ е најавена како една од најголемите вежби на НАТО во последните неколку години, со цел да се интегрираат што повеќе борбени и неборбени елементи на НАТО и земјите-членки, со цел да бидат што е можно поподготвени за спроведување на заеднички воени операции.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Крвав напад со нож во САД, четворица мртви

Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството

САД воведоа санкции за ентитети кои наводно им помагале на Хутите и Хезболах

ВИДЕО: 25 години од НАТО нападот на Србија

Катерина Ѓуровски

Отворен ден на АРМ по повод годишнина од членството на Македонија во НАТО

А1он

САД бара од Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии