САД: Хаким Џефрис избран за лидер на демократите во Конгресот

Од:

Демократите во Претставничкиот дом за свој лидер го избраа конгресменот Хаким Џефрис – првиот црнец кој предводи една од двете големи партии во Конгресот, што го симболизира доаѓањето на новата генерација лидери, додека долгогодишната спикерка Ненси Пелоси и нејзиниот тим се повлекуваат од лидерските позиции во јануари.

Демонстрирајќи необично партиско единство, демократите во Претставничкиот дом непречено преминаа од еден историски лидер во друг – од првата жена претседателка на Конгресот до 52-годишниот њујорчанец кој вети дека ќе „ги реализира работите“ и покрај фактот што републиканците го освоија мнозинството во Долниот дом, пишува Гласот на Америка.

Гласањето зад затворени врати беше едногласно, и со акламација.

-Сите преземаме голема одговорност, изјави Џефрис пред новинарите пред состанокот на партиската група. „А најдоброто што можеме да го направиме, како резултат на сериозноста и тежината на овој момент, е одговорно да се посветиме на тоа и да го направиме најдоброто можно во интерес на граѓаните“.

Ретко е партијата која тукушто изгуби конгресни избори толку лесно да се регрупира, што е во спротивност со актуелните превирања меѓу републиканците, кои се обидуваат да се обединат зад лидерот Кевин Мекарти како нов претседател на Претставничкиот дом, додека се подготвуваат да ја преземат власта кога новиот состав на Конгресот ќе започне со работа во јануари.

59-годишната Кетрин Кларк од Масачусетс ќе биде втор по ранг демократ во Претставничкиот дом, а 43-годишниот Пит Агилар од Калифорнија е избран за претседател на Демократската пратеничка група. Новата „тројка“ демократи ќе ги замени Пелоси, лидерот на демократското мнозинство Стини Хојер и Џејмс Клајбурн, бидејќи лидерите кои се во 80-тите години ќе го отстапат местото на помладата генерација. Ненси Пелоси беше лидер на демократите во последните 20 години, а нејзините колеги синоќа и ја доделија титулата „почесен претседавач“.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

САД одделно ќе гласа за помош на Украина и Израел, републиканците на Трамп се закануваат

Спектакуларно бегство на затворен од САД

САД: Очекуваме Иран да го нападне Израел

САД: Му кажавме на Иран дека не учествуваме во нападот на конзулатот во Дамаск

Невреме во југоисточниот дел на САД: Едно лице загина, повеќе од 100.000 без струја

ВИДЕО: Лидерот на култ кој уби и распарчи две деца се соочува со смртна казна

Катерина Ѓуровски