Рускиот патријарх Кирил: Неверувањето во пандемијата е опасно колку и неверувањето во Господ

Од:

Православните великодостојници во своите божиќни пораки годинава ја истакнаа важноста од почитувањето на заштитните мерки воведени поради пандемијата на коронавирусот, велејќи дека ова е време на големи искушенија и предизвици, но и дека верниците заедно ќе го победат вирусот.

– Неверувањето во пандемијата и непочитувањето на мерките на претпазливост се исто толку опасни колку и неверувањето во Господ, изјави рускиот патријарх Кирил, повикувајќи да се следат сите антиепидемиолошки мерки.

– Многу е опасно кога луѓето не веруваат во Бога, тоа е смртоносно опасно. Тоа е исто толку опасно како кога луѓето, кои не веруваат во ширење на инфекцијата, не се штитат од неа, рече патријархот Кирил во божиќната беседа.

Тој посочи дека само обична небрежност за време на пандемија може да предизвика појава на болеста.

– Значи, ве повикувам сите, драги мои, да дејствувате во согласност со овие барања на модерната медицина за сите нас денес, за целото човештво. Сите овие барања и препораки не смеат да се игнорираат, рече патријархот на Москва и на цела Русија.

Поглаварот на Руската православна црква исто така ги повика верниците да не забораваат да преземат мерки на претпазливост при посета на црквите и да обрнат внимание на нивното семејство за време на пандемија.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј во интервју за атинскиот весник „То Вима“ истакна дека пандемијата го промени социјалниот живот, нашето секојдневие, нашето учество во животот на Црквата и целиот овој период нè трогнуваат страдањата на безброј ближни луѓе и ни остава впечаток самопожртвуваноста на лекарите и болничарите, па затоа е неприфатливо, наспроти толку жртви и толкава болка, да постојат луѓе кои ја негираат стварноста на пандемијата, сметајќи дека таа е творба на некакви кругови.

– Уште повеќе провокативно е кога таквите ставови се изразуваат од страна на христијани, често и од клирици. Тие не се грижат за заштитата на ближниот човек. Отфрлањето на маската и на сите мерки за заштита не доаѓа едноставно од незнаење, туку од умртвување на љубовта внатре во нив. Кога науката отвора благопријатни перспективи за иднината на човештвото, таа претставува дар од небото. Нормално е дека не е засегната нашата вера тогаш кога ги следиме упатствата на стручните. Ниту ограничувањето на учеството во богослужбите го намалува значењето на храмот и на она што во него се извршува за животот на верниците. Заштитните мерки не се насочени против Црквата. Тие ги заштитуваат верниците, кои, како и сите други, еднакво се изложени на вирусот, нагласува патријархот.

Тој потенцира дека ќе се вакцинира против коронавирусот, бидејќи како што вели тоа му го налага и неговата возраст.

Би можело да ве интересира

Швајцарски медиуми тврдат рускиот патријарх Кирил во 70-тите години работел за КГБ

Горан Наумовски

Патријархот Кирил: Секоја желба да се уништи Русија ќе значи крај на светот

Патријарх Кирил: Секој обид да се уништи Русија ќе значи крај на светот

А1он

Патријарх Кирил: Господ го постави Путин на власт

А1он

Поглаварот на Руската православна црква Кирил заразен со Ковид-19, има тешки симптоми

А1он

Папата Франциск со критика до рускиот патријарх Кирил: Бог е мир и не нè води по патот на војна

Ана Ололовска