Руски проектил уби двајца работници на итната помош во јужна Украина денеска додека се бореа со пожарот што избувна по напад неколку минути претходно, соопштија украинските власти. Најмалку уште седум лица беа ранети во нападите во регионот Запорожје, каде што руските сили лансираа три ракети за околу половина час, изјави гувернерот на провинцијата Јуриј Маласко.
Тој рече дека е погоден цивилен објект, но не наведе детали, само додаде дека се оштетени околните куќи и автомобили. Спасувачките екипи излегоа на местото на настанот по првите удари, но потоа следеше уште еден напад, изјави министерот за внатрешни работи Ихор Клименко на комуникациската платформа Телеграм.
„Вработените во државната служба за итни случаи веќе беа на местото на настанот по неколку минути. Потоа (руските) агресори повторно нападнаа“, рече тој, додавајќи дека убиените мажи се на возраст од 31 и 34 години. Тој рече дека тројца работници на итната помош и четворица цивили се ранети.
Украина тврди дека многу цивили биле убиени од руски ракетни напади и напади со беспилотни летала од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Москва, која веднаш не ги коментираше последните украински извештаи, негира дека е насочена кон цивили.