Реакции по објавата дека Иран го надмина нивото на збогатен ураниум

Од:

По денешната објава на Иранската агенција за атомска енергија дека Техеран почна да збогатува ураниум над 4,5 проценти, реагираа дел од потписничките на мултилатералниот договор од 2015 година, како и Израел.

Иран утрово го надмина прагот од 4,5 отсто за збогатување ураниум, соопшти Агенцијата додавајќи дека тоа е доволно за потребите на иранските нуклеарни централи.

– Иран го надмина ограничувањето од 3,67 отсто збогатен ураниум, лимит воспоставен со Договорот од 2015 година, изјави денеска портпаролот Иранската агенција за атомска енергија, Бехруз Камалванди.

Тој истакна дека границата ќе биде надмината и за 20 отсто доколку ЕУ продолжи да ги игнорира своите обврски од нуклеарниот договор и апелира итно да се реагира.

Со мултилатералниот договор од 2015 година предвидено е Иран да збогатува ураниум до 3,67 проценти.

Официјален Техеран денеска и се закани дека ќе продолжи да не ги почитува одредбите од Договорот доколку не се изнајде решени и не се исполнат иранските барање, што првенствено се однесуваат на продажбата на нафта и заобиколување на санкциите што САД ги воведе откако минатата година унилатерално се повлече од Договорот.

Иранските мерки се одговор на американското повлекување од мултилатералниот договор и повторното воведување на санкции.

Договорот за иранската нуклеарна програма е потпишан во 2015 година во Виена помеѓу Иран и шесте светски сили – САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија по 12-годишна криза.

По објавата дека Иран го надмина дозволеното ниво на збогатен ураниум реагираше Европска унија. Портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич наведе дека Унијата е „исклучително загрижена“ од денешната објава на Иран. При тоа таа го повика Техеран да ја стопира секоја акција што е во спротивност со Договорот.

Претходно, Германија соопшти дека засега нема да презема мерки против Иран и оти ќе го почека извештајот на инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за тврдењата на Техеран дека збогатува ураниум над дозволеното ниво.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи Рајнер Бројл наведе дека МААЕ се уште не објавила извештај и оти се надева дека истиот ќе биде достапен за неколку дена.

Бројл наведе Германија ќе го проучи извештајот штом МААЕ ќе го објави и ќе разговара за понатамошните чекори со другите потписнички на нуклеарниот договор – Иран, Кина, Русија, Велика Британија и Франција.

За Германија е важно Иран да се врати на почитување на Договорот, посочи Бројл.

Во меѓувреме Кина изрази жалење поради иранското кршење на Договорот од 2015 година и за тоа ги обвини САД и американската политика поради „максималниот притисок“ под минатогодишното повлекување од мултилатералниот договор.

Договорот е единствен реалистичен и ефикасен начин за решавање на иранското нуклеарно прашање и намалување на тензиите. Максималниот притисок од САД е причина за кризата. Кина се залага за дипломатско решение бидејќи докажано е дека унилатералното малтретирање стана се пораширен тумор и создава се повеќе проблеми и поголеми кризи на глобално ниво, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Генг Шуанг.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху иранското надминување на дозволеното ниво на збогатен ураниум го оцени како тест за Европа.

– Да не ја водев таа битка против Иран, сега (Техеран) би имал нуклеарен арсенал. Причината зошто се уште немаат (нуклеарен арсенал) е тоа што извршивме притисок врз нив, против целиот свет и поранешната американска администрација, исто така и против многумина во Владата на Израел, посочи Нетанјаху.

Тој додаде дека Иран претставува огромна опасност по иднината на Израел.

– Тие се обидуваат да сигнализираат дека се движат кон (нуклеарна) бомба и ние ќе обезбедиме тоа да не се случи. Големото прашање не е каква е нашата политика, бидејќи тука ништо не е сменето. Јас повторно се обраќам до европските лидери: Вие ветивте дека ако Иран го направи тој мал чекор, збогатување на ураниум, што е муниција за нуклеарно оружје, вие кажавте дека ако го надмине дозволеното ниво вие ќе воведете санкции. Затоа велам – направете го тоа. Бидејќи тие Ве тестираат. Насилниот убиствен режим го тестира р’бетот на Западот и јас очекувам да ги исполните Вашите ветувања, наведе Нетанјаху.

Би можело да ве интересира

Во Франција засилени безбедносни сили пред сите католички и протестантски цркви за време на Велигден

Истрага против возачот на превртениот германски автобус во кој имаше загинати и повредени

Најмалку пет лица загинаа во автобуска несреќа кај Лајпциг

Горан Наумовски

Во Германија: Момче до смрт ги избодел родителите и братот, тешко си ја ранил сестрата

Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво

Русите спречиле терористички напад: ФСБ уапси три лица