Реакции по нередите во Вашингтон: Најтажниот ден за американската демократија

Од:

Американскиот Конгрес синоќа продолжи со работа на заедничка сесија на законодавците во текот на која членови на Претставничкиот дом и на Сенатот формално треба да ги потврдат резултатите од гласањето на електорите, кои минатиот месец ја потврдија победата на Џо Бајден.

Денот претходно помина во анархија и хаос во и околу Капитол Хил, опсаден од илјадници десничарски екстремисти, поддржувачи на претседателот Доналд Трамп.

Настаните всушност започнаа со говорот на Трамп, кој некаде претпладне се обрати пред илјадници насобрани демонстранти на претходно затворениот парк и тревник пред Белата куќа.

Веднаш потоа, околу 13 часот источноамериканско време, Конгресот беше принуден да ја прекине седницата откако стотици поддржувачи упаднаа во Капитол на САД со барање да се поништат резултатите од изборите.

Полицијата на Капитол хил ги евакуираше законодавците, некои беа забележани како го напуштаат зданието со покриени глави и во гас маски. Во текот на неколку часа службите, на кои им се вклучи и Федералното биро за истраги (ФБИ), ги гонеа поддржувачите на Трамп кои упаднаа во салите на Конгресот и вандализираа низ просториите.

Некои телевизии објавија и сцени на претставници на безбедносните служби како посегаат оружје за заштита на законодавците, кои останаа забарикадирани во главните сали на заседанијата на Сенатот и на Претставничкиот дом.

Полицијата во Вашингтон соопшти дека како резултат на рана на вратот од огнострелно оружје синоќа во безредијата починала една жена, учесничка во маршот за поддршка на Трамп. Ај-би-си соопшти дека жената била застрелана од безбедносните сили. ФБИ соопшти дека нивни агенти деактивирале две наводни експлозивни направи.

Во меѓувреме и избраниот претседател Бајден го повика Трамп да отстапи, за веднаш по него Трамп да се појави на видео на Твитер и повика демонстрантите да „заминат дома“.

Полицијата конечно успеа да воспостави ред околу зградата на Капитол Хил кај 18:00 часот, а законодавците се вратија на работа околу два часа подоцна.

– Оние што направија хаос денеска во Конгресот се губитници, изјави потпретседателот Мајк Пенс, претседавач на Сенатот, при отворањето на претходно прекинатата седница.

– Да се вратиме на работа, повика тој, по што законодавците бурно аплаудираа.

Мич Меконел, лидер на републиканците во Сенатот, нередите предизвикани од поддржувачите на Трамп ги нарече „неуспешно востание“.

– Нема да се подведеме и да потклекнеме пред aгресивна толпа… и ќе го одбраниме нашиот Устав, истакна Меконел.

Мит Ромни, сенатор од Јута, во соопштение ги осуди републиканците кои се обидуваат да ја погазат волјата на гласачите на претседателските избори и истакна дека „она што се случи денеска е востание поттикнато од претседателот“.

Линдзи Грејем, уште еден истакнат републиканец, во обраќање пред Сенатот ја призна победата на Бајден и неговиот потпретседател Камала Харис и рече дека од 20 јануари 2021 година тие ќе бидат следните претседател и потпретседател на САД.

Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност го нарече 6 јануари 2021 година „најтажниот ден во американската историја“.

– На Трамп му остануваат уште 14 денови мандат, истакна Болтон.

Вината за тоа што се случи синоќа во американската престолнина сите ја гледаат во постапките и акциите на претседателот Трамп, кој повеќе од два месеци наметна алтернативна реалност на голем дел од американските избирачи дека изборите наводно биле лажирани и украдени.

Социјалните мрежи како Твитер и Фејсбук привремено ги блокираа налозите на Трамп поради неговата одбрана на демонстрантите и повторното истакнување дека тоа што се случува е резултат на „украдени избори“.

Закондавците доцна синоќа продолжија со дискусиите за потврда на резултатите од гласањето на изборниот колеџ. На првото гласање во Горниот дом во врска со оспорените резултати од Аризона, забелешката за тоа не беше прифатена. Според познавачите, сите обиди да се оспорат резултатите нема да вродат со плод.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Крвав напад со нож во САД, четворица мртви

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

САД воведоа санкции за ентитети кои наводно им помагале на Хутите и Хезболах

САД бара од Украина да ги запре нападите врз руските рафинерии

(ВИДЕО) Пресметка меѓу мигрантите и Националната гарда на Тексас кај Ел Пасо

ВИДЕО: Американската милјардерка која со Тесла излета во езеро и се удави била пијана