Путин го наредил кибер нападот за да му помогне на Трамп, наведува американското разузнавање

Од:

Рускиот претседател Владимир Путин ја наредил „кампањата за давање помош“ во 2016 година, насочена кон претседателските избори во САД. Нејзината цел била да се поткопа демократскиот процес и да се оцрни кандидатот на Демократската партија, Хилари Клинтон. Ова се посочува во синоќа објавениот декласифициран извештај на американското разузнавање, цитиран од британските медиуми.

„Нашата оценка е дека рускиот претседател Владимир Путин ја наредил кампањата за помагање во 2016 година, насочена кон претседателските избори во САД“, пишува во документот.

„Освен тоа, според нас, Путин и руската држава развиле јасни симпатии кон избраниот претседател Трамп. Имаме голема увереност во овие свои оценки“, се наведува во извештајот.

„Исто така, заклучиваме дека Путин и руската држава имале стремеж да придонесат за шансите за победа на избраниот претседател Трамп, каде и кога тоа било можно, дискредитирајќи го државниот секретар Клинтон и јавно ставајќи ја во понезавидна позиција од него“, пишува уште во документот.

Американските специјални служби сметаат дека руското воено разузнавање (ГРУ) употребило посредници, како сајтовите Викиликс, „ДиСиликс“ (DCLeaks.com) и „Гуцифер 2.0“ (Guccifer 2.0), за да ги лиферува добиените имејли на Националниот комитет на Демократската партија, како и на високо позиционирани претставници на демократите. Како цели на операцијата биле набележувани луѓе, поврзани и со двете големи политички партии во САД, пишува уште во извештајот.

Според документот, со „голема увереност“ може да се заклучи дека ГРУ ги искористило овие посредници „за јавно да ги лиферува податоците стекнати од кибер операциите за американските жртви, како и преку специјални канали кон медиумите и Викиликс“.

Во документот уште се посочува дека не е утврдено руското влијание врз американските системи за пребројување на гласовите.

Извештајот е изготвен од ЦИА, ФБИ и Агенцијата за национална безбедност на САД (НСА).

Актуелниот американски претседател Барак Обама во четвртокот бил запознат со констатациите во класифицираната верзија на извештајот, а новоизбраниот, Доналд Трамп, вчера, посочува ДПА.

Би можело да ве интересира

Путин: Обвинувањата дека Русија ќе ја нападне Европа по Украина се целосна глупост

Путин: Бескрајната река на таленти го прави народот на Русија непобедлив

Обраќање на Путин: Ќе плати оној кој застана зад терористите

А1он

Путин освои над 72 отсто од гласовите во странство

Путин: Русија мора да биде уште посилна, поцврста и поефикасна

Путин освоил огромно мнозинство на претседателските избори во Русија

Горан Наумовски