Пука здравството во Хрватска, драстични мерки во Германија, национален карантин во Белгија

Од:

Огромен притисок последнава недела бележат болниците речиси во целиот свет, колабираат здравствените системи, се најавуваат национални карантини и подолг полициски час. Секојдневно се бележат нови рекордни бројки новозаболени и починати. Вкупната бројка на заболени од Ковид – 19 во светот се искачи на 46.054.289, а починати се 1.195.945 лица.

Хрватските лекари јавно проговорија дека пукаат и тие и болниците. Медиумите со денови известуваат дека недостигаат кревети во болниците, респиратори, лекари, но и храна за болните од Ковид – 19 сместени во болниците.

Јавното изложување на проблемите тргна откако лекарка од Клиничката болница „Дубрава“ во Загреб преку писмо испратено на повеќе адреси предупреди дека во болницата има многу пропусти, посебно за пацинетите болни од Ковид – 19 за кои немало соодветно лечење, терапија па дури ниту оброци.

„Болницата пукна. Ние пукнавме. Еден лекар на 80 кревети“, се жалат лекарите од Ковид центарот во Клиничката болница „Дубрава“ во Загреб.

Вчера хрватскиот портал „Телеграм“ објави аудио – снимка од состанок на лекарите од болницата со шефот на Ковид – 19 одделот, на која се слуша дека нема респиратори, а во новиот пик на епидемијата, кој го очекуваат на 20 ноември, ќе им требаат 140 респиратори.

„Сестрите се фрлени на одделенијата и препуштени сами на себе. Имаме еден компјутер. Болницата пукна. Ние пукнавме. Еден лекар на 80 кревети. Што да им кажеме на пациентите кога ќе прашаат дали може некаде да се избањаат? Зошто нас никој ништо не нѐ прашува?“, се слуша на снимката.

Од понеделник во Белгија домаќинствата може да примат само еден гостин

Се преполнуваат и болниците во Белгија, која од вторник најави враќање на националниот карантин оти е земја со највисока стапка на зараза со Ковид – 19 во Европа. На 100.000 жители во последните 14 дена Белгија има 1600 новозаразени и 8,4 смртни случаи.

„Земјата е во вонредна здравствена ситуација. Притисокот врз болниците е огромен. Ова се крајни мерки за бројките да не продолжат да растат“, рече вчера премиерот Александер де Кро.

Од понеделник до средината на декември сите несуштински продавници и бизниси кои нудат лични услуги, како фризерски салони, ќе бидат затворени. Собирите на јавни простори ќе бидат ограничени на најмногу четири луѓе. Супермаркетите ќе смеат да продаваат само суштински производи, а домаќинствата ќе можат да примаат само еден гостин. Есенскиот распуст за учениците се продолжува до 15 ноември

На сила останува општата забрана за движење во ноќните часови. Баровите и рестораните и натаму ќе бидат затворени.

Германија ги затвора кината, тетарите и хотелите, школите и градинките остануваат отворени

Драстични мерки од понеделник ќе има и во Германија каде секојдневно има протести поради ограничувањето на движењето. Ќе важат до крајот на ноември. Затворени ќе бидат кината, театрите, концертните сали, на отворено дозволено е групирање само на едно домаќинство, или заедно со уште едно домаќинство најмногу до десет лица. Забранети се групните аматерски спортови, а професионалните натпревари ќе се одвиваат без публика. Забрането е ноќевање во хотели, мотели, приватни апартмани, а се затвораат и баровите, рестораните, базените и козметичките салони.

„Нашиот здравствен систем денес може да се носи со овој предизвик, но ако се продолжи со ова темпо, границата ќе ја достигнеме за неколку недели“, рече канцеларката Ангела Меркел кога беа соопштени новите мерки.

Отворени остануваат градинките, школите, сите продавници со тоа што внатре треба да има еден купувач на 10 квадратни метри, а ќе работат и фризерниците и занаетчиските дуќани.

„Мора да делуваме сега. Нашиот здравствен систем денес може да се носи со овој предизвик, но ако се продолжи со ова темпо, границата ќе ја достигнеме за неколку недели. Поради тоа се потребни овие остри мерки“, рече во средата канцеларката Ангела Меркел кога беа соопштени новите мерки.

Италија и Англија размислуваат за целосен карантин

Кон затворање на целата територија оди и Италија каде што денес сите медиуми известуваат за можен нов целосен карантин. Во последното деноноќие Италија има речиси 32.000 новозаболени, односно 3.000 повеќе од претходниот ден, а починати се 199 лица.

Обединетото Кралство, според најцрното сценарио, очекува по 4.000 смртни случаи дневно.

Нови порестриктивни мерки ќе има и во Грција. Од вторник продолжување на ноќниот полициски час и затворање на рестораните и баровите на еден месец во најнаселените делови од земјата најави денес грчкиот премер Киријакос Мицотакис.

За национален карантин размислува и Обединетото Кралство каде што, според најцрното сценарио, се очекуваат по 4.000 смртни случаи дневно. Строгите мерки кои денес треба да ги соопшти премиерот Борис Џонсон се очекува да бидат релаксирани околу Божиќ.

Масовно тестирање или строго затворање во Словачка

Словачка почна да ги тестира за Ковид – 19  сите жители постари од 10 години, идеја за која претседателката Зузана Чапутова изјави дека е неизводлива. Тестирањето на четири милиони луѓе треба да трае два викенда. Бројот на новозаразени во Словачка расте, па властите сметаат дека единствена алтернатива би било целосно затворање.

Резултатите во затворен коверт им се доставуваат на тестираните во рок од 30 минути, а во акцијата е вклучена и војската.

„Ова е најголемата логистичка операција на војската откако државата стана самостојна“, изјави Јарослав Наџ, министер за одбрана.

Белорусија од утре ги затвора границите

Од утре Белорусија ги затвора границите за странски државјани за да го спречи ширењето на коронавирусот.

„Од 1 ноември Република Белорусија го суспендира влезот во земјата за странски државјани и личности без државјанство на граничните премини во патниот, железничкиот и водениот сообраќај со цел спречување на ширењето на инфекцијата предизвикана од Ковид – 19“, соопшти државната комисија.

Ограничувањето нема да важи за руските државјани кои транзитираат преку Белорусија на пат кон Русија.

Би можело да ве интересира

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

Кинески научник: Можно е пандемијата да започнала со истекување на вирусот од лабораторија

Ана Ололовска

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирус

Ана Ололовска

Шефот на СЗО: Не можеме да знаеме како настанала короната додека Кина не ги објави своите податоци

Ана Ололовска

Се појавија нови информации за потеклото на короната: СЗО бара Кина да ги објави

Катерина Ѓуровски