Првпат социјалните мрежи предизвикаа криза во партијата на Макрон

Од:

Кандидатот на Републиката во движење, Бенжаман Гриво вчера се откажа од кандидатурата за градоначалник на Париз поради објавување на социјалните мрежи на пораки и видео со сексуални содржини.

Тоа е прв случај во политичката историја на Франција, снимки поставени на социјалните мрежи да имаат непосредно влијание врз една предизборна кампања, но и директни последици за претседателот на Франција Емануел Макрон, кој се обидува повторно да го освои јавното мислење во земјата, јави дописникот на МИА.

Гриво е поранешен портпарол на француската влада и член на партијата на францускиот претседател Мануел Макрон.

“Моето семејство не го заслужува тоа. Никој не треба да поднесе такво насилство. Затоа одлучив да ја повлечам кандидатурата за општинските избори.

Повеќе не сакам да го изложувам моето семејство и себе си, кога сите удари се дозволени”, изјави Бенжаман Гриво.

Неговата одлука уследи само 48 часа по објавувањето на интернет на видео снимки и компромитирачки пораки, само еден ден по објавувањето на неговата програма за градоначалник на Париз.

Се до повлекувањето на кандидатурата, Гриво беше критикуван од неговите политички противници, но наеднаш целата политичка класа му изрази симпатии и му испрати пораки на поддршка.

Според неименуван пратеник од редовите на Републиката во движење повлекувањето на Гриво од трката за градоначалник на Париз, делуваше како „политички земјотрес“ за мнозинството и извршната власт, бидејќи Гриво во изминатите четири години е едно од најпознатите лица во авантурата што го доведе Емануел Макрон до Елисејската палата.

Додека францускиот премиер Едуард Филип наведе дека ќе ја почитува одлуката на Гриво.

“Мислам на Бенжаман Гриво, кој донесе свесна одлука. Тешка одлука. Итно да се остават на мир човекот и неговото семејство”, посочи Филип.

Раководството на партијата Република во движење се обидува да најде брза замена, бидејќи изборите се во март и кампањата е во полн ек, според Станислас Герини, генералниот делегат на партијата, името на кандидатот кој ќе го предводи претседателското мнозинство во Париз, ќе биде познато на почетокот на идната недела.

Инаку, одговорноста за објавувањето на компромитирачките снимки ја презеде рускиот артист Пјотр Павленски, кој доби политички азил во Франција во 2017 година, во порака испратена до весникот „Либерасион“.

“Бенжаман Гриво е некој кој постојано се потпира на семејните вредности, кој вели дека сака да биде градоначалник на семејствата и секогаш ја наведува за пример неговата сопруга и децата”, објасни Павленски.

Павленски е 35-годишен контраверзен уметник и милитант. Тој во јануари 2019 година беше осуден на три години затвор во Париз, од кои две условно, откако ја опожари фасадата на „Банк де Франс“ во октомври 2017.

Би можело да ве интересира

Макрон вечерва ќе се обрати на нацијата за ситуацијата со коронавирусот

А1он

Макрон тврди дека навремено реагирал на епидемијата со Ковид-19

Предраг Петровиќ

Макрон и Си сакаат вонреден самит на Г20 за коронавирусот

А1он

Макрон: Ние сме на самиот почеток на епидемијата

А1он

Француски медиуми: Макрон попушта за Северна Македонија и Албанија

Предраг Петровиќ

Рама: Ставот на Макрон позитивен сигнал, но нема простор за еуфорија

Предраг Петровиќ