Пропаѓаат ли плановите на Јапонија за повеќе жени на пазарот на трудот?

Од:

Би-Би-Си – Лондон 

Во теорија, планот на јапонскиот премиер Шинѕо Абе да вклучи повеќе жени на пазарот на трудот во земјата изгледаше прекрасно.

Целта беше до 2020 година на 30 проценти од позициите на високи раководители во државниот и приватниот сектор да се наоѓаат жени.

Но, за две години таа стапка достигна едвај седум проценти за позиции во државниот сектор и 16 проценти во приватните компании.

За ова има повеќе причини.

Минатата година се прашав дали моите сонароднички имаат желба да раководат, затоа што и јас исто сакав да станам домаќинка додека растев во Јапонија.

До почетокот на 90-те години на минатиот век, девојчињата учеа како да водат домаќинство, но не и момчињата. Пораснавме верувајќи дека нашата улога е да останеме дома и да одгледуваме деца, а не да станеме шефови или лидери.

За жените кои всушност треба или сакаат да работат, недостигот од детски градинки одамна е голем проблем.

„Умри, Јапонија!“

Владата повеќе пати најавувашр дека работи на изградба на детски центри. Но темата повторно дојде во фокусот на јавното внимание откако анонимна мајка употреби жестоки зборови во објава на интернет.

– Детето не ми го примнија во градинка. Умри, Јапонија!, напиша гневната мајка.

Оваа објава дури беше спомената и во парламентарна дебата кога премиерот Абе се посомнева во автентичноста и испровоцира гнев и протести пред зградата на Парламетот. Потоа, Владата соопшти дека 72,000 деца се уште се на списокот на чекање за запишување во детска градинка.

Отворено беше и прашањето на што се должи недостигот на места.

Меѓу главните причини е ниската плата на детските учителки.

Марико Јанагисава е учителка веќе 24 години. Месечната плата на 53-годишната жена изнесува 160.000 јени (1.415 долари), а тоа е една третина од просечната плата на јапонските мажи на 50-годишна возраст.

– Задоволна сум од мојата работа и се обидувам да издржам, но се плашам дека младите луѓе нема да ја изберат оваа професија заради тие ниски плати, вели таа. – Многу учителки си заминаа затоа што сфаќаат дека е многу тешко да се преживее со нашата плата, особено кога грижата за мали деца е толку физички напорна, додава Јанагисава.

Според истражување на Владата од 2013 година, 20 проценти од учителките размислуваат да ја напуштат својата професија поради истата причина.

Длабоко вкоренетиот сексизам

Во моментов, речиси две третини од жените во Јапонија работат, но повеќето со скратено работно време или со привремен договор.

Според Кати Мацун од „Голдман Сакс“, која во 1999 година првпат пишуваше за „женомиката“, изедначувањето на вработеноста меѓу мажите и жените ќе вклучи речиси 7,1 милиони луѓе на пазарот на трудот и ќе го зголеми БДП за 13 проценти.

Освен недостигот на детски градинки друг фактор е и клутурата на длабоко вкоренет сексизам. За да биде надмината оваа појава, неопходно е силно лидерство.

Компанијата за производство на закуски „Калби“, е меѓу малкуте која веројатно ќе ја остварат проектираната цел на Владата за зголемување на учеството на жените во раководењето до 30 проценти до 2020 година. Тој успех се должи на претседателот на компанијата, Акира Манумото.

Кога тој дојде на оваа позиција во јуни 2009, едвај 5,9 проценти од менаџерите беа жени. Пет години подоцна нивниот број се искачи на речиси 20 проценти.

– Клучот е во ангажираноста на врвното раководство. Некои извршни директори во јапонските компании се уште неволно делуваат затоа што се чувствуваат комотно во еден машки свет, вели тој.

Каѕуко Фукујама е највисоко рангирана жена во компанијата „Калби“ со 800 вработени кои одговараат пред неа.

Кога Манумото ја назначил и наредил да си оди од работа четири часа порано, за да се врати дома кај ќерките.

– Не можам да бидам како извршните директори пред мене, но претседателот рече дека тоа не е проблем, така што решив да се обидам, раскажува Фукујама.

Манумото би сакал големите јапонски компании, како „Тојота“ или „Нисан“ да ја стимулираат еднаквоста, затоа што според него, тогаш постои поголема веројатност останатиот дел од корпоративна Јапонија да го следи нивниот пример.

– „Калби“ е многу мала, рече тој со скромна насмевка.

Но, во „Тојота“ само три проценти од менаџерите се жени, додека во „Нисан“ таа стапка е малку повисока – осум проценти. Само околу 3,5 проценти од раководителите во владините служби се жени.

Успехот на „Калби“ изгледа е речиси невозможна задача за останатите компании во Јапонија.

Би можело да ве интересира

Човекот кој најдолго на светот чекаше за извршување на смртната казна е ослободен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Поплави во Јапонија: Шест лица загинаа, има и исчезнати, градските улици под вода

(ВИДЕО) Први снимки од разорниот земјотрес во Јапонија

Силен земјотрес ја погоди Јапонија, издадено предупредување за цунами

Четири лица загинаа во пожар во Токио

Силен земјотрес ги погоди јапонските острови