Претседател кој ги разбуди Германците

Од:

Полувреме за Јоаким Гаук.

По почетните проблеми, германскиот претседател во меѓувреме е на успешен курс. И важен е за земјата, смета Ралф Босен.

Кога Јоаким Гаук пред две години стапи на сила на функцијата претседател на државата, очекувањата беа големи. Поранешниот лидер и активист за граѓански права имаше реноме на речит говорник кој има чувство за праќање пораки, човек кој е подготвен да каже и непријатни вистини. На Гаук се гледаше како некој кој истовремено со шарм и емпатија може да ги придобие луѓето, но ако е потребно, не бега од расправии со моќните. На сите во сеќавање беше кога тој како шеф на Сојузниот кабинет за документи Штази во Берлин, се судри со поранешниот канцелар Хелмут Кол, кој беше против отворањето на документите за него, на поранешната служба за државна безбедност на ДДР, Штази.

Гаук light

Но, по стапувањето на функцијата претседател, ваков Гаук залудно се бараше. Тој држеше паметни, политички коректни говори. Меѓутоа, тие делуваа меко и едвај оставаа впечаток на Германците. Наместо јасни рамки, стануваше само Гаук во light верзија.

Така можеби граѓаните тогаш се прашуваа дали новиот жител на берлинскиот дворец ќе се покаже како не толку идеално лице на местото претседател. Функцијата претседател веќе пред тоа драматично го изгуби својот сјај, поради оставката на Хорст Келер и посебно на Кристиан Вулф. Првиот замина прерано, а вториот предоцна.

Но, 74 годишниот Гаук на половина од својот мандат, веќе одамна ја напушти сенката на своите претходници. Ако некој сега обрне внимание на Гаук ќе види претседател со самодоверба кој својата улога ја врши со видлив жар. Гаук во меѓувреме со умешност се вклучува во големи политички расправи, а притоа не се впушта во дневна политика. Со тоа Гаук на Германија прави добро! Претседателот наоѓа јасни зборови таму каде канцеларката Ангела Меркел молчи или останува неопределена. За двајцата тоа сосема е во ред. Наместо конкуренција меѓу двајцата водечки политичари, зачудените Германци доживуваат дури спротивност: двоец кој речиси перфектно се надополнува и кој има одлична поделба на работните обврски.

Од една страна, прагматична канцеларка која проблемите ги решава со исклучителна научна прецизност и со студен спокој. Од друга страна Јоаким Гаук кој бара директен пристап и маестрално игра на клавијатура на емоциите.

Критика на Русија и Турција

Формата на Гаук се подобри пред се од кога ги најде основните теми на својот мандат: улогата на Германија во светот и големиот конфликт на нашето време.

Така германскиот претседател остро ја критикуваше Русија и со оглед на судирот во Украина рече дека – територијалните отстапки често го зголемуваат апетитот на агресорот. Следбениците на германската десно екстремна партија НПД ги нарече лудаци, а политичкиот курс на поранешниот турски премиер, во меѓувреме претседател Реџеп Таип Ердоган, го нарече опасност за демократијата. На минхенската Конференција за безбедноста тој со право се заложи за тоа Германија со оглед на својата економска тежина во меѓународните кризи порано и поодлучно да се ангажира – ако треба и воено, што во Германија е многу спорна теза. Токму оваа тема со денови доминираше во медиумите и дефинитивно докажа дека Гаук не сака како претседател да има само удобна репрезентативна функција.

Дека вакви изјави провоцираат важни дебати, повеќе е од добредојдено. И тоа благодарение на Гаук! Претседателот е човек кој знае како да ги протресе и да ги разбуди луѓето и кој и треба на Германија во време на т.н. голема коалиција (владејачка коалиција која ја сочинуваат двете најголеми партии, христијанските демократи и социјалдемократите). Бидејќи поради сеопфатниот консензус на големите партии на Германија и се заканува опасност од општа парализа. Ценејќи го неговото делување Германците на претседателот на државата му изразуваат благодарност бирајќи го веднаш зад канцеларката, редовно на врвот на листата на омилени политичари.

Бранител на слободата

Во ретроспектива се чини дека исто како успешниот политички курс на Гаук и неговата почетна воздржаност беше паметно сондирање на политичкиот и општествениот терен.

Меѓутоа, не му појде се од рака. Така се очекуваше дека Гаук поради шпионската НСА афера појасно ќе ја критикува САД, посебно како поранешен граѓанин на ДДР, за кој слободата секогаш беше голема тема. Наместо тоа, тој не кажа ништо.

Но, тоа во целосната слика не нанесува значителна штета. Гаук е на најдобар пат да стане многу добар претседател. Можеби најголем!? За соодветен настап во германската историја потребна му е соодветна бина: противници во спор со кој би можел да расте, конфликти во кои може да се докаже. Гаук за тоа има потенцијал и време. Кој во време на криза гледа вести, брзо ќе дознае дека соодветната бина веќе е подготвена.

Дојче веле – Бон

Би можело да ве интересира

Русија се вооружува: „Украина е само почеток“

Германија: Нема да ги укинеме ограничувањата за употреба на западно оружје со долг дострел

ВИДЕО: Полицајци во Берлин бркаат и приведуваат дете со палестинско знаме, снимката предизвика реакции

Катерина Ѓуровски

Тепачка во трговски центар во Германија, еден ранет, неколкумина повредени

Падна првиот снег

Предраг Петровиќ

Протече планот на Шолц за крајот на војната, офанзивата на Курск ги направи работите многу комплицирани