Повеќе од 850 пожарникари денеска го ставија под контрола големиот пожар во централниот дел на Португалија, откако во земјата беше воведена вонредна состојба поради голем ризик од нов пожар.
Пожарот од саботата гореше во Олеирос и се прошири во две соседни општини.
Неколку илјади куќи беа евакуирани, но засега нема извештаи за штети, додека се проценува дека изгореле околу 6.000 хектари шума.
Пожарникар на возраст од 21 година загина во сообраќајна несреќа за време на акцијата во градот Кастело Бланко, а повредени се седум лица, меѓу кои и еден цивил.
Португалската метеоролошка агенција ИПМА предупреди дека ризикот од пожари во повеќето делови на земјата е голем со оглед на температурата, која ќе достигне до 37 степени.
Владата прогласи тревога низ целата земја за денеска и утре.
Во сила е забрана за палење пожари, а пристапот до шумите е ограничен.