Словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак го информираше генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека Словачка повеќе нема да испраќа оружје и муниција за Украина.
Ова денеска го соопшти словачкото Министерство за одбрана.
„Словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак во Брисел се сретна со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и по тој повод го информираше за завршувањето на воената помош за Украина од магацинот на Словачките вооружени сили“, соопшти словачкото Министерство за одбрана, пренесува Тасс.
Сепак, се додава, Словачка ќе продолжи да ја поддржува Украина со широк спектар хуманитарна помош и техничка поддршка, чија употреба не води до смрт, се наведува во соопштението и се додава дека новата одлука на словачката влада е почитувана од партнерските земји на НАТО.
Одлуката за прекин на испраќањето државна воена помош за Украина ја донесе владата на словачкиот премиер Роберт Фиц, кој ја презеде функцијата на 25 октомври.