Потера на израелската полиција по извршителите на последниот смртоносен напад во Елад

Од:

Израелската полиција утринава соопшти дека е во потера по двајца Палестинци осомничени за напади со нож и секира извршени синоќа во Елад, во близина на Тел Авив. Во вчерашните напади извршени на 74-годишнината од основањето на Израел се убиени три лица, а четири ранети.

Од јавноста се побарани информации за напаѓачите – 19-годишниот Асад Јусеф Ал-Рафаи и една година постариот Каби Амад Абу Шакир, и двајцата од селото Румана во областа Џенин во северниот дел на окупираниот Западен Брег. Притоа се објавени и нивни фотографии.

Нападот во градот Елад претежно населен со ултраортодоксни евреи е шестиот по ред извршен врз Израелци од 22 март. Во нападот се убиени Џонатан Абакук, Боаз Гол од Елад и Орен Бен Јифтах од Лод, објавија израелските медиуми.

Палестинското екстремистичкко движење Хамас што управува со Појасот Газа и Исламскиот џихад го поздравија нападот нарекувајќи го херојски, но не презедоа одговорност.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го осуди убиството на израелските цивили предупредувајќи дека „убиството палестински и израелски цивили води кон влошување на ситуацијата“, објави палестинската новинска агенција „Вафа“.

Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц најави дека палестинските територии, Појасот Газа и окупираниот Западен Брег што беа затворени на Денот на независноста, нема да бидат отворени до в недела.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет синоќа се закани дека цената за нападот ќе ја платат терористите и нивните соучесници.

Со нападот во Елад бројот загинати во антиизраелските напади достигна 18.

Уште по првите напади на средината на март израелските сили спроведоа операции на Западниот Брег, при што се убиени најмалку 26 Палестинци.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

САД и Германија ги предупредија Израелците да не ја напаѓаат Рафа

Британците првпат со падобрани испорачаа помош во Газа, испратија порака и до Израел

Катерина Ѓуровски

Израел не дозволува конвои со храна да минуваат до северниот дел на Газа

Катерина Ѓуровски

САД предлага итен прекин на огнот во Газа

Блинкен во обид да договори примирје меѓу Хамас и Израел

ВИДЕО: Израел го нападна Дамаск