Последни преговори за договорот од климатската конференција КОП26 во Глазгов

Од:

Во тек се последните преговори во Глазгов за да се постигне договор на Конференцијата на ОН за климата (КОП26), која се смета за клучна за можноста за постигнување на целите во борбата против климатските промени.

По вчерашните долги и тешки преговори, британското претседателство со конференцијата најави дека рано утринава сака да достави нов нацрт на завршната декларација, која сепак би можела да се промени пред конечно да биде усвоена.

Конференцијата треба официјално да заврши во 19.00 часот по средноевропско време, но преговарачите од околу 200 земји-членки може, како што обично се случува на ваквите собири, да имаат продолженија.

– Има уште многу работа да се заврши, изјави вчера британскиот претседател на КОП26, Алок Шарма, предупредувајќи ги делегатите дека „очите на светот се вперени во нив“ и оти не можат да разочараат.

Синоќа беа усвоени поглавја за кои делегатите се согласуваат, а останаа неколку прашања за кои сè уште нема договор, како што е финансирањето на сиромашните земји, кои се најмалку одговорни за затоплувањето, но често и најизложени на неговите последици.

Катастрофите поврзани со климата се множат низ целиот сет, поплави, горештини, суши со придружни штети и жртви и покажуваат дека се забрзуваат промените, кои, според научниците, на крајот може да го загрозат човештвото.

Главна цел на британското претседателство е да ја задржи постигнатата цел од Парискиот договор за раст на температурата под два Целзиусови степени во однос на прединдустриската ера, доколку е можно тоа да биде 1,5 степени.

Таа мисија е речиси невозможна, бидејќи светот веќе се движи кон „катастрофално затоплување“ од 2,7 степени Целзиусови, според ОН, и покрај новите заложби на земјите објавени пред и за време на конференцијата.

Во вториот дел од предложената декларација се повикуваат земјите-членки да ги подигнуваат своите обврски за намалување на емисиите на стакленички гасови поредовно отколку што е предвидено со Парискиот договор, почнувајќи од следната година.

Таа цел доби неочекуван поттик во средата кога одеднаш се договорија со Вашингтон да работат заедно за да се засилат климатските активности.

Уште една спорна точка од нацртот на финалната декларација се фосилните горива кои првпат експлицитно се спомнуваат во некоја нацрт декларација за климата. Тие горива, иако се главен извор на емисијата на стакленички гасови, не се споменати ниту во Парискиот договор.

Соочен со противење на земјите производители, шефот на ОН, Антонио Гутереш вчера ги осуди „празни ветувања за милијарди субвенции … кога земјите продолжуваат да градат електрани на јаглен“.

Младата активистка од Уганда, Ванеса Накате, која беше поздравена со силен аплауз од делегатите, рече „На атмосферата не ѝ е грижа за ветувањата … човештвото нема да се спаси со ветувања“.

Остануваат уште неколку долги часови преговори за надминување на разликите и одговор на очекувањата од конференцијата во Глазгов.

Би можело да ве интересира

Светска банка ќе поддржи макроекономски и климатски реформи во Македонија со заем во вредност од 93,8 милиони евра

(ВИДЕО) Климите од Арсовска ги нема: Граѓаните на плус 40 се возат со отворени врати

Орце Костов

ВИДЕО: Паѓаат температурни рекорди во светот, горат Европа, Америка и Азија

Катерина Ѓуровски

Шокантна снимка: Камионџија полуде, почна да тепа и да гази активисти на пат

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) На Европа и се заканува нова голема криза: Доаѓа екстремно сушно лето, цели региони страдаат за вода

Катерина Ѓуровски

Мнозинството студенти и пензионери подложни на дезинформации – не ги препознваат лажните вести на интернет

Петар Клинчарски