Поранешниот француски министер Клод Геан осуден на осум месеци затвор

Од:

Парискиот суд го осуди поранешниот министер за внатрешни работи Клод Геан на осум месеци затвор, додека Патрик Буисон на двегодишна условна казна, како и Емануел Мињон и Пјер Џакомети на условна казна од шест месеци. Поранешниот советник на Никола Саркози, Жулиен Волпре, е ослободен од обвинението, јави дописникот на МИА.

Во денешната пресуда судот го осуди Клод Геан на една година затвор, од кои четири месеци условно, со налог за извршување на пресудата, за фаворизирање и проневера на јавни средства од небрежност во Елисејската палата, односно за нарачаните анкети на јавното мислење. Судот смета дека „Претседателството на Републиката нема посебно правно лице од државата“, и затоа подлежи на Законот за јавни набавки како и остатокот од администрацијата. Судот понатаму потсетува дека со оглед на неговата долга кариера во служба на државата, Клод Геан „нужно бил свесен за обврските“ во врска со правилата за јавни набавки. И дека бил свесен и за блискоста меѓу претседателот и Патрик Буисон како и Пјер Џакомети.

Поранешниот министер за внатрешни работи на 77-годишна возраст отсуствуваше на рочиштето и го застапуваше неговиот адвокат. Тој е затворен од 13 декември во затворот „Санте“ (здравје), а судијата оцени дека не ги намирил навреме сумите што беше осуден да ги плати за премиите во готовина од претходна пресуда. Решението за неговото барање за ослободување е закажано за 7 февруари. Со оваа нова осуда сега останува на судијата за изрекување и спроведување на казната да одлучи за термините и евентуалното продолжување на неговиот затвор.

На ова судење се појавија уште четворица поранешни советници или соработници на Никола Саркози, осомничени за фаворизирање или проневера на јавни средства. Судот одлучи да го осуди Патрик Буисон, исто така отсутен од рочиштетот за донесување на пресудата, на две години условна затворска казна за злоупотреба на општествени средства.

Поранешниот анкетар Пјер Џакомети доби шестмесечна условна затворска казна и висока парична казна. На поранешниот шеф на кабинетот на Никола Саркози во Елисеј, Емануел Мињон, му беше изречена условна затворска казна од шест месеци, многу потешка казна од паричната казна од 10.000 евра. Судот, сепак, ги препознава напорите што ги направи за конечно да го имплементира Кодексот за јавни набавки во Елисеј, „со што ќе го извади претседателството од неговата монархиска практика“.

Судот во текот на еден месец се занимаваше со практикувањето на власта под Никола Саркози, испитувајќи ги милионите евра во политички совети и студии на мислења наплатени од компаниите на Патрик Буисон и Пјер Џакомети, како и од Институтот Ипсос, за склучени договори, без објавување повици за тендери.

Поранешниот шеф на државата никогаш не бил вмешан во овој случај, бидејќи е покриен со претседателскиот имунитет загарантиран со Уставот. Но, тој беше повикан, во одлука без преседан, да се појави како сведок на 2 ноември: за време на сослушувањето кое што беше кратко и тензично, Никола Саркози тогаш одби да одговори на прашањата на претседателот Бенжамин Бланше, во име на „разделбата на власта“. Аргумент „погрешен во однос на уставното право“, смета судот во својата пресуда.

Одбраната во својот аргумент тврдеше дека во 2007 година, кодексот за јавни набавки не се применувал на Елисејската палата, според еден „обичај“ што се одржува уште од генералот Де Гол. Токму во петгодишниот мандат на Саркози беа објавени првите повици за тендери за претседателската функција во Петтата република.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Во Франција засилени безбедносни сили пред сите католички и протестантски цркви за време на Велигден

Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво

Во Франција се уапсени 13 лица осомничени дека се членови на нарко-банда од Марсеј

(ВИДЕО) Драма во Франција: Поплава однесе татко и две деца

Франција абортусот го прогласи за уставно право

ВИДЕО: Во Франција горат 900 тони литиумски батерии