Поради недостиг на снег се демонтираат ски-лифтовите во француските скијалишта

Од:

Последиците од глобалното затоплување се повеќе се чувствуваат на француските Алпи. Поради недостиг на снег се демонтираат ски-лифтовите во француските скијалишта. Ски-лифтот во областа Сен-Фирмин беше демонтиран минатиот месец. Беше надвор од употреба со години, бидејќи немаше снег.

„Се случи глобално затоплување и тоа е она што го промени нашиот поглед. Мораме да се вратиме на природата“, вели Дидие Беузон, 63-годишен жител на Сен-Фирмин.

Оригиналниот ски-лифт во тој дел на Франција беше поставен во 1964 година за да можат децата во близина на нивните домови да научат да скијаат, а подоцна и да скијаат на попредизвикувачки алпски патеки. Состојбата со снегот се влошува последните неколку децении.

Како што пренесува „Си-Ен-Ен“, тоа не се случува само на француските скијачки центри, туку и на скијачките центри во остатокот од Европа. Глобалното затоплување е виновно што скијачката сезона се скратува. Беузон истакна дека ски-лифтот во Сен Фирмин последен пат бил користен пред 15 години, што придонело за негова корозија.

Скијачката традиција во Сен Фирмин се стопи заедно со снегот. Демонтирањето на споменатиот лифт чинеше 20 илјади евра, а го финансираа локалната самоуправа и добротворни организации. За железната конструкција се погрижи специјализирана компанија која ќе го рециклира железото.

Малку е веројатно дека ова ќе биде последниот ски-лифт што ќе биде демонтиран. Франција и остатокот од Западна Европа летово беа погодени од топлотен бран со рекордно високи температури – блиску, па и над 40 степени Целзиусови. Западните и јужните делови на Стариот континент беа зафатени од шумски пожари.

Според податоците на Министерство за заштита на животната средина, 62 отсто од населението на Франција е изложено на значителни или мошне значителни климатски ризици. Ситуацијата во земјата би можела дополнително да се влоши, бидејќи се очекува до 2100 година температурата да се зголеми за 3,8 степени, а во најлош случај за 6,7 степени – тоа се податоците на националната метеоролошка служба „Метео Франс“.

Најголемото планинско одморалиште во Европа, францускиот Вал Торенс, на почетокот на месецов објави дека почетокот на скијачката сезона ќе биде продолжен за седум дена, почнувајќи од 26 ноември, наведувајќи го како причина топлото есенско време, пренесува „Си-Ен-Ен“.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Франција ќе ја зголеми безбедноста пред синагогите и верските училишта

Едно лице загина, а најмалку едно е рането во напад со нож во Бордо

Откриен е мистериозен тунел во близина на париски затвор

Макрон ќе испрати 1.500 војници во Украина до крајот на април

Горан Наумовски

Почина девојче во Франција кое беше силувано и истепано

Во Франција засилени безбедносни сили пред сите католички и протестантски цркви за време на Велигден