Половина век од најстариот нуклеарен реактор во Европа

Од:

ХИНА

Најстариот активен нуклеарен реактор во Европа, швајцарскиот Безно, следната недела полни 50 години, а активистите сметаат дека тоа е предолг животен век и бараат негово затворање.

Нуклеарната централа во северниот кантон Аргау, покрај германската граница, започна со работа на 9 декември 1969 година, во време кога Битлси сè уште беа заедно, а човекот само што стапна на Месечината.

Педесет години подоцна, на светлосиниот ѕид на зградата во која е реакторот 1, на германски пишува „Годишнина 1969-2019 – 355.000 часа работа“.

Безно 1 е третиот најстар активен нуклеарен реактор во светот. Пред него се само два реактора во Тарапур на западниот дел на Индија, кои започнаа со работа во октомври 1969 година, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

– Привилегија е да се работи овде, истакна Мајкл Дост, директор на електраната со која управува швајцарската компанија „Акспо“.

Тој нагласува дека е горд што работи во толку продуктивен споменик на индустриската историја.

Двата реактора на Безно секојдневно произведуваат околу 6.000 гигавати на час, двојно повеќе од потрошената електрична енергија во Цирих, најголемиот град во Швајцарија.

Дост смета дека Безно сè уште не е за „во пензија“.


Нова опрема

„Тука се направени многу промени“, рече Дост, истакнувајќи дека во последните децении „компонентите се модифицирани и изградена е нова опрема за исполнување на сите технички услови“ за нуклеарни електрани.

Швајцарскиот инспекторат за нуклеарна безбедност (ЕНСИ) потврди дека Безно 1 ги исполнува сите регулативи.

Но, критичарите тврдат дека реновирањето не може да ја компензира староста на реакторот.

– Целосно прифаќам дека се вложени големи средства во електроцентралата, но вие не можете да го трансформирате фолксваген буба во тесла со безбедносни ажурирања, предупредува Флоријан Каслер, специјалист за нуклеарна енергија во швајцарскиот Гринпис.

Каслер потсетува дека минатиот пат кога електраната беше затворена поради реконструкција, од 2015 до 2017 година, се откриени дефекти на челикот на еден од резервоарите за вода.

Во заклучоците, кои подоцна ги потврди и ЕНСИ, е утврдено дека дефектите не биле поврзани со работата на реакторот и не претставуваат безбедносен ризик.

Но, Гринпис тврди дека тестовите не го зеле предвид влијанието на радиоактивноста врз состојбата на резервоарот.

Сепак е безбедносен ризик

– Безно носи голем безбедносен ризик, упорен е Каслер.

Со него се согласува и Партијата на зелените, која на неодамнешните парламентарни избори го забележа најдобриот резултат во историјата. И зелените сакаат да ја затворат таа електрана.

Дебатата за тоа се засили од нуклеарната катастрофа во 2011 година во јапонската Фукушима.

Швајцарија по тој случај објави план да ја напушти нуклеарната енергија и да ги затвори своите четири електрани, но не и временската рамка за тоа.

Швајцарците пред три години на референдум го отфрлија забрзаното затворање електрани постари 45 години.

„Работниот век на електраните не е дефиниран“, посочува Министерството за енергетика.

Поради тоа погоните можат да работат сè додека ЕНСИ ги смета за безбедни и додека на компаниите што управуваат со нив им е финансиски исплатливо да вложуваат во нивно модернизирање.

Дост тврди дека Безно има уште многу да даде.

– Веруваме дека може да работи до 2030 година, порача тој, но и призна дека потоа конечно би можело да дојде време да се затвори.

Би можело да ве интересира

Франција со план за изградба на шест нуклеарки

Еврокомесар предупредува дека енергетската сиромаштија во Европа може да се зголеми

Ана Ололовска

Новак: Можна е нова голема криза за гас во Европа

Ана Ололовска

Европската комисија обезбедува 60.000 билети за патување за млади Европејци

Ана Ололовска

Вашингтон пост: Поради што се зголемуваат цените на енергијата во Европа?

Ана Ололовска

Џон Кери во посета на Европа

Ана Ололовска