По земјотресот во Франција, прекината работата на нуклеарната централа Круас

Од:

Повеќе жители на погодениот регион Дром и Ардеш од земјотресот со јачина од 5,4 степени на 11 ноември, најсилен во последните 15 години во Франција, изразија своите стравувања од евентуална нуклеарна катастрофа со оглед дека две нуклеарни централи, Трикастин и Круас, се наоѓаат во близина на епицентарот на земјотресот, јавува дописникот на МИА.

-Не е забележана никаква штета на сите нуклеарни објекти од централата Трикастин, се вели во соопштението на префектурата Дром. Според снабдувачот на електрична енергија – ЕДФ, не треба да се стравува од последици, ниту за производството на електрична енергија, ниту за безбедноста на објектите на електроцентралите Трикастин и Круас.

Втората централа „на неодредено време“ беше ставена во мирување во понеделникот вечерта, за да се провери дали сè е во ред. „Ова е задолжителна постапка“, вели префектот на Ардеш. Станува збор за „проверка на објектите за потврдување на дијагнозата и безбедноста по овој земјотрес“. Реакторот број 1 веќе е запрен, ова мирување се однесува на реакторите 2, 3 и 4.

Според весникот „Ле Дофине“, ризикот не е толку во кревкоста на нуклеарните инсталации, туку во ризикот од поплавување – како што беше случајот во Фукушима (Јапонија) – за електраната Трикастин. Лоцирана во непосредна близина на каналот Рона, теоретски таа може да биде загрозена, во случај на рушење на насипот при силен земјотрес. Поплавата ќе доведе до фузија на нуклеарното гориво на четирите реактори и ќе го „отежни“ спроведувањето на помошта.

Во 2017 година, Органот за нуклеарна безбедност (АСН) побара од ЕДФ привремено исклучување на централата Трикастин. АСН се плашеше дека во случај на голем земјотрес, насипите на Рона ќе испукаат. Направени се засилувања на дел од браната за да се обезбеди отпорност на „на сеизмичка безбедност“, а реакторите повторно започнаа со работа во декември 2017 година. Побарано е ново зајакнување на насипот и зголемен надзор од страна на АСН во јуни 2019 година. Градежните зафати се предвидени, најдоцна до крајот на 2022 година.

„Сеизмичката безбедност“ е проценка на сеизмичката опасност за француските нуклеарни објекти. Таа беше преиспитана по катастрофата во Фукушима. Секоја централа мора да биде во согласност со критериумите. За да се направи ова, ризикот се пресметува според најинтензивниот земјотрес досега регистриран во областа. За оној што се однесува на електраната Трискастин, станува збор за земјотрес од 8 август 1873 година, со јачина од 4,7 степени според Рихтер и чиј епицентар бил на 13 км.

-Како и Фесенхајм, електраната Трикастин е една од оние што има најголем безбедносен ризик од надворешна природна или човечка агресија“, вели Гринпис на својата веб-страница. Невладината организација во повеќе наврати ја осудуваше староста на централата. Отворена во 1980 година, таа го надмина првичниот живот од 30 години, благодарение на поволно мислење од АСН. Централата е исто така лоцирана во непосредна близина на шест класифицирани фабрики Севесо, а помалку од 80 км од околу 1,6 милиони луѓе, напиша Ле Монд во 2013 година, во текст посветен на инцидентите на централата.

Што се однесува до жителите на погодениот регион од земјотресот околу 200 од нив мораа да ги напуштат нивните домови поради оштетувања.

Би можело да ве интересира

Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво

Во Франција се уапсени 13 лица осомничени дека се членови на нарко-банда од Марсеј

(ВИДЕО) Драма во Франција: Поплава однесе татко и две деца

Франција абортусот го прогласи за уставно право

ВИДЕО: Во Франција горат 900 тони литиумски батерии

Во Франција, бројот на случаи на сифилис се зголеми за 110% за две години