ДПА – Хамбург
Ако и се верува на информативната агенција Амак, се е во ред со териториите кои се под контрола на групата Исламска држава (ИД).
Оваа информативна агенција која дејствува како полуофицијален медиумски орган на ИД, се претставува како алтернатива на западните средства за масовно информаирање и продолжува да објавува за успесите на групата во битката против „неверниците“.
Фотографии и видеозаписи објавени од Амак покажуваат како животот тече нормално во Мосул, главниот бастион на ИД во северен Ирак и покрај обемната офанзива на ирачките сили со американска воздушна поддршка.
Иако терористичките милитантни група претрпаеа жестоки неуспеси во изминатите месеци, отстапувајќи и ја Палмира на сириската Влада, а нивната сириска „престолнина“ Рака се наоѓа под опсада, малку е веројатно да ИД ќе биде целосно победена во блиска иднина.
Хасан Хасан, експерт за исламистички милитантни групи во Институтот за блискоисточни политики „Тахрир“, смета дека Исламската држава одамна е подготвена за своето разбивање.
Во анализа за „Њујорк тајмс“, тој истакнува дека обидите за справување со организацијата Исламска држава во Ирак, која е претходник на Исламската држава, пропаднале, затоа што екстремистите едноставно ги напуштиле позииците кои не им одат во прилог и исчезнале во непрегледните пустински реони во Ирак.
Далеку од цивилизација, приврзениците на организацијата очекуваат случувањата да се свртат во нивна полза создавајќи синхронизирано ќелии во Мосул, кој епретежно населен од сунити.
До летото 2014, тие веќе беа подготвени за дејствување преземајќи го градот со неколку стотини борци.
Гидо Шајнберг од берлинскиот Германски институт за меѓународна политика и безбедност, смета дека овој пат тие дури може да се во уште поповолна ситуација затоа што сега имаат каде да се повлечат на териториите на двете држави, Сирија и Ирак.
– Ќе имаат на располагање доволно сиви зони во кои ќе можат да дејствуваат, вели тој.
Агенти на Исламската држава одамна се појавија во Либија и на Синајскиот Полуостров во Египет, каде контролата на државата е ограничена.
Според Шајнберг, Мосул, вториот град по големина во Ирак, ќе продолжи да биде поле на битка на ИД, дури таа и да претрпи сериозни порази таму.
Групата ќе почне со герилска тактика напаѓајќи воени и полициски цели, како што покажаа нападите во реоните на Ирак од каде беше протерана.
Аналитичарите се едногласни дека Исламска држава нема да биде разбиена со воени средства.
– Војната против Исламската држава не може да биде добиена без да биде пополнет политичкиот вакуум, кој веќе постои во голем дел од Ирак, вели Хасан.
Групата ужива поддршката меѓу ирачките сунити кои сметаат дека се дискриминирани откако шиитското мнозинство ја презеда власта по падот на Садам Хусеин.
Офанзивата во Мосул всушност може уште повеќе да го прошири тој јаз затоа што шиитски милитантни групи поврзани со Иран почнаа да заземаат позиции во северниот дел од земјата, кој е претежено населен од сунити. Ако останат таму предолго, веројатно нема да мине многу време и против нив да биде организиран отпор.
Според Хасан, американската политика го посеала семето за нов конфликт во Сирија со поддршката за курдската милитантна група Сили за заштита на народот.
Курдите напредуваат кон Рака заедно со други сили борејќи се против Исламската држава. Населението во северниот сириски град е воглавно составено од Арапи сунити, кои внимателно го следат напредувањето на Курдите.
Турција исто така е против значајна улога на Силите за заштита на народот во случувањата. Анкара ја смета организацијата за сојузник на Курдската работничка партија (ПКК), со која турската армија се бори во јужна Турција.
– Се очекува Исламска држава да ги искористи тие конфликти и да се зацврсти во двете земји за следните години, изјави Хасан.
И покрај сето тоа, постојат надежи дека 2016 година може да се покаже како пресвртница во борбата против групата. Исламската држава доживеа значителни загуби како Палмира и во реоните крај сириско-турската граница, а да не зборуваме за ирачкиот град Фалуџа.
Според воените набљудувачи, Мосул на крајот ќе падне, дури тоа да трае и со месеци. Рака е следната цел на меѓународната коалиција предводена од САД, иако можеби за тоа ќе биде потребно повеќе време, затоа што сириските владини сили се фокусирани на противниците во западниот дел од Сирија.
Затоа земјите кои се вклучија во борбата против Исламската држава може да се најдат под зголемен ризик од терористички напади со прогонувањето на екстремистите од Мосул и Рака.
– Иако Исламската држава на крајот ќе престане да постои, таа ќе продолжи да го инспирира тероризмот како идеологија со смртни последици, вели Џејкоб Олидорт од Вашингтонскиот институт за блискоисточни политики.
Тој го посочува внимателно изградениот „пресврт“ на ИС со нејзината карактерна „способност да инспирира бранови на волци самотници“.
Во тој контекст, водачот на Исламската држава, Абу Бакр ал Багдади излезе со 30-минутна аудио порака на почетокот на ноември, во која неговиот глас можеше да се слушне првпат по повеќе месеци.
Тој повика на напади во Турција и Саудиска Арабија и апелираше до следбениците до крај да се спротивставуваат во Мосул. – Да ги задржите позициите со достоинство е илјада пати полесно отколку да се повлечете внимателно. Оваа војна е вашата војна, рече тој.