Европската комесарка за внатрешни работи, Илва Јохансон ја поздрави солидарноста изразена од 15 земји членки денеска за прием на бегалци од Авганистан, јави дописничката на МИА од Брисел.
Денеска се одржи Советот за внатрешни работи на министрите на ЕУ во Брисел, главна тема беше реформата на миграцијата и азилот, состојбата на источната граница со Белорусија и дебатите за градење на ѕидови на надворешните граници.
Еврокомесарката за внатрешни работи најави дека 15 земји членки изразиле солидарност денеска на состанокот.
-Петнаесет земји членки се заложија да им пружат заштита на 40 илјади Авганистанци, ова е импресивен акт на солидарност, ова се 40 илјади повеќе Авганистанци кои ќе бидат релоцирани, ќе добијат хуманитарен прием или евакуација, изјави Јохансон одговарајќи на новинарско прашање.
Таа инсистираше дека е потребно да се зајакнат легалните канали на миграција за да се спречи нелегалната миграција, заложбата на овие 15 земји е дел од таа логика.