Со 270 гласа „За“ и ниту еден против, парламентот на Иран денеска го прогласи Ерусалим за вечен главен град на Палестина. Оваа одлука доаѓа како одговор на одлуката на САД да го признаат Ерусалим за главен град на Израел.
– Ова е нашиот одговор на неодамнешната одлука на САД да го прогласи Ерусалим за израелски главен град, со што сакаше да им зададе удар на муслиманите, изјави Али Лариџани, претседател на иранскиот Парламент.
Израел и Јордан го поделија Ерусалим во 1948 година, а израелската армија го освои целиот град, вклучително и историски важниот стар дел од Ерусалим, за време на Шестдневната војна во 1967 година. Израел го смета Ерусалим за свој главен град, додека Палестинците бараат источниот дел на градот да им припадне на нив, при некое идно мировно решение, и да биде главен град на палестинска држава.