Панета: Ги елиминиравме лидерите на Ал Каеда, но битката треба да продолжи

Од:

Силите на САД уништија голем број од водачите на Ал Каеда и извојуваа победа во борбата со некои од групите поврзани со неа, но битката со тероризмот тргна во друга насока, што ќе бара постојани напори од американска страна за заканата навистина да се елиминира, изјави денеска министерот за одбрана на САД, Лион Панета.

Во говорот пред Центарот за нова американска безбедност, Панета рече дека САД постигнаа напредок во битката против организациите во Јемен и Сомалија, кои се повзрани со Ал Каеда, со групи кои изведуваа напади во Мали и Нигерија и такви кои се обидуваат да се утврдат во Либија, пренесоа американските медиуми.

Министерот за одбрана изјави дека САД „го уништија јадрото на Ал Каеда“, убивајќи ги водачите, како Осама бин Ладен, шеик Саид ал Масри и Абу Јахия ал Либи. Има напредок и во борбата со групите кои дејствуваат во Јемен, и со сомалиската „Аш Шабаб“.

Тоа се реални успеси, но важно е да се посочи дека и покрај тоа заканата од Ал Каеда не е елиминирана.

-Го забавивме развојот на почетниот канцер, но знаеме дека ракот пуштил метастази во други делови на светскиот организам, рече Панета.

Заради американскиот притисок Ал Каеда уште повеќе се распрска, стана уште полабава како структура и почна да дејствува во најразлични географски точки, рече Панета.

Борбата со Ал Каеда придоби нов правец, што бара да бидеме особено еластични и жилави, продолжувајќи ја битката, додаде тој.

Панета подвлече дека конечното уништување на Ал Каеда и натаму е главен приоритет за САД, и покрај фактот што во следните две години американските војски ќе се повлечат од Авганистан и САД своето внимание го пренасочи кон Азиско-тихоокеанскиот регион во рамки на нивната нова воена стратегија.

Одлучувачко за ликвидирањето на Ал Каеда е во Авганистан да се работи така што терористичката мрежа не ќе може никогаш повеќе таму да најде засолниште. За да има стабилност, во Авганистан треба да се реши прашањето на корупцијата и да се ликвидираат засолништата на терористите во соседен Пакистан, изјави американскиот министер за одбрана.

-И Вашингтон, и меѓународната заедница треба да ја преземат обврската да им помагаат на авганистанските сили во исполнувањето на оваа задача, додаде Панета.

САД ќе ја продолжат својата битка со Ал Каеда во Пакистан, Јемен и Сомалија и треба да го спречат создавањето на засолништа на организацијата на други места низ светот, изјави Панета. Тоа ќе се случува преку операции на американските специјални сили, извршувани во партнерство со локалните сили, рече Панета.

Би можело да ве интересира

Америка го ограничи движењето на својот дипломатски персонал во Израел

Стејт департментот потврди дека ќе стави вето на приемот на Палестина во ОН во Советот за безбедност

Горан Наумовски

Белата куќа се противи на палестинската државност

Џонсон: Путин ќе продолжи да маршира низ Европа, Балканот може да биде следен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Едно лице загина откако цистерна со нафта експлодира на автопат во Алабама

САД одделно ќе гласа за помош на Украина и Израел, републиканците на Трамп се закануваат