ОН: Сиромашните земји со години ќе се борат со пандемиската криза

Од:

Пандемијата на коронавирус ја влоши и онака мрачната економска перспектива за најсиромашните земји во светот и многумина веројатно ќе се борат со пандемиската криза со години, предупредија претставници на Обединетите нации (ОН).

Светот почна да закрепнува од последиците од пандемијата, но закрепнувањето во „две брзини“ може „да ги поништи многуте позитивни ефекти од макотрпно изградениот развој“, предупреди Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД).

Околу една милијарда луѓе во 46 „најмалку развиени земји“ би можеле да заостанат уште повеќе зад побогатите соседи, предупредува УНКТАД во својот најнов извештај.

Овие земји заедно генерираат 1,2 трилиони долари бруто домашен производ, приближно како Мексико или Индонезија, и сега се на крстопат, рече генералната секретарка на УНКТАД, Ребека Гринспан.

– Ним им е потребна силна поддршка од меѓународната заедница за да го развијат производствениот капацитет и институционалната рамка што им е потребна за да се справат со традиционалните и новите предизвици, како што се кризата со Ковид-19 и климатските промени, објасни Гринспан.

На повеќето може да им требаат неколку години за да го вратат нивото на БДП пред пандемијата во 2019 година, а најтешкиот удар би можел да почне да стигнува некаде кон средината на деценијата, предупреди УНКТАД.

Иако вкупниот извоз на индустриски производи од најсиромашните земји е скоро двојно зголемен во изминатите 10 години, многумина сè уште зависат од суровини како што се нафтата и минералите.

УНКТАД оваа година објави дека повеќето посиромашни економии кои се потпираат на суровини обично имаат тешкотии да ја зголемат продуктивноста и да развијат други сектори, покрај туризмот.

За да ја постигнат целната стапка на раст од седум проценти, потребни им се 462 милијарди долари инвестиции годишно, а за да излезат од екстремната сиромаштија, просечно 485 милијарди долари годишно.

За да го удвојат уделот на индустријата во БДП, им се потребни повеќе од 1.000 милијарди долари, повеќе од три пати повеќе отколку во 2019 година, предупредува УНКТАД.

За да мобилизираат доволно инвестиции во развојот, тие мора да го зајакнат буџетскиот капацитет, да ја зголемат мобилизацијата на домашните ресурси и да ја подобрат ефикасноста на државните трошоци.

Тоа сè уште нема да биде доволно, додава агенцијата на ОН.

– Меѓународната заедница има клучна улога во поддршката на напорите на најмалку развиените земји да мобилизираат соодветно финансирање за потребите за одржлив развој, заклучија тие, повикувајќи на зголемени инвестиции во нивните институционални и производни капацитети.

На овие земји им се потребни мерки за поддршка од новата генерација, кои ќе бидат поблиску поврзани со развојните цели и реалноста на 21-от век, особено во областа на трансферот на технологија, рече Пол Акивуми, директор на Одделот за Африка и најмалку развиени земји на УНКТАД.

– Клучен дел од напорите на најмалку развиените земји за постигнување зелен раст и структурна трансформација мора да биде целисходна индустриска политика, бидејќи тие мора итно да ја намалат зависноста од примарните суровини, додаде Акивуми.

Би можело да ве интересира

Повеќе од 4,75 милиони луѓе во светот починаа од коронавирус

А1он

Откриени лилјаци кои носат мутација на коронавирус, се заканува опасност од нова пандемија

А1он

Макрон предупреди дека здравствената криза не е надмината

А1он

Милиони деца во светот се загрозени, не можат да примат редовни вакцини поради пандемијата

Жарко Настоски

Со поддршка од ЕУ субвенционирани платите на околу 30 милиони работници

Жарко Настоски

Германија „во дупка“ од 250 милијарди евра поради пандемијата, затворени 16.000 фирми

Жарко Настоски